Рочишта за четирите предмети на Специјалното јавно обвинителство, „Триста“, „Титаник“, „Насилство во општина Центар“ и „Т.Н.Т“ се закажани неделава во Кривичниот суд.
За среда е закажано рочиште за „Титаник“, што е прв случај обелоденет од СЈО. Покрај поранешниот премиер Никола Груевски, во овој случај обвинети се и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.
Во четврток на обвинителна клупа ќе седнат обвинетите во случаите „Триста“ и „Насилство во општина Центар“.
Во предметот „Триста“ обвинет е Ѓоко Поповски поранешен помошник-министер во МВР за набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи.
Според обвинителниот акт, Поповски со набавката го оштетил буџетот за државата за сума од 453.570 евра.
Специјалното јавно обвинителство тврди дека Поповски тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда. За овој предмет рочиште се одржа и вчера.
Во Кривичниот суд закажано е судење и за одвоената постапка во предметот „Насилство во општина Центар“. Обвинетите во овој случај се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.
На претходните рочишта за овој предмет, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.
Обвинетите во предметот „Насилство во општина Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.
На обвинителна клупа во петок повторно ќе седнат и обвинетите во предметот „Т.Н.Т“, што се однесува за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина (ПЕИ), Фијат Цаноски.
Во „Т.Н.Т“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки. Според обвинителниот акт, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари.
Адвокатите на обвинетите во повеќе предмети на СЈО побараа изземање на судиите, поради можноста дека биле прислушувани и дека може да се јават како оштетени во постапките. Поради тоа беа одлагани повеќе рочишта.
Врховниот и Апелацискиот суд пред неколку дена одлучија да не бидат изземени судиите во „ТНТ“ и „Насилство во општина Центар“.
Претходно, адвокатите на експремиерот и останатите обвинети во предметите на СЈО бараа одлагање на рочиштата поради немање камери за тонско и визуелно снимање на судењето.
Скоро сите судења за предметите на СЈО се одолговлекуваат и не се гледа во брзо време разрешница.
Единствено, Кривичниот суд во февруари годинава експресно ја осуди новинарката Ивона Талевска со условна казна затвор од две години, доколку во следните четири години не го повтори делото даночно затајување. Таа ја призна вина за случајот „Тифани“ што Специјалното јавно обвинителство го покрена против неа.
Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ од 2008 до 2014 година одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци, при што затаила 2.314.463 денари или 37.634 евра преку фирмите и 1.040.840 денари или 16.924 евра личен данок.
Специјалното јавно обвинителство поднесе жалба до Апелацискиот суд за пресудата за новинарката Талевска во случајот „Тифани“ за затајување данок. Од СЈО бараат на Талевска да и се преиначи условната казна затвор во ефективна затворска казна.