На 2 октомври во Кривичниот суд во Скопје со сослушување на сведоци продолжува судењето за настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година.
По денешното сослушување на сведокот Ацо Ангеловски, поранешен телохранител на Оливер Спасовски, рочиштето продолжи со исказите на сведоците Александра Богоевска Крстановска, во тоа време вработена во собраниското обезбедување, Маријан Митевски, поранешен вработен во шестата управа како шеф на обезбедување на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски и полицаецот Агим Алиу.
Вкрстеното испрашување на Богоевска Крстановска, што траеше речиси два часа, главно се однесуваше на наредбата добиена од страна на обвинетиот Горан Јошевски-Леви, во тоа време началник.
По прашањата на обвинителката Вилма Рускоска, да каже што се случило на 27 април во Собранието и да каже што правела таа, Богоевска Крстановска наведе дека дента била ангажирана на портирницата кај влезот од страната на Дом на АРМ, дека најнапред добила наредба од нејзиниот надреден Александар Јанковиќ да го затвори влезот и да ја стави заштитната греда, а потоа била известена дека Јанковиќ е повреден и пренесен во амбулантата на Собранието.
Таа дејствувала сама бидејќи сите нејзини колеги биле распоредени во пресс-центарот.
Потоа колега ја известил дека ќе дојдат двајца од УБК што треба да ги пушти во мониторинг салата. Пристигнале четворица, обвинетиот Сашко Марковски и кажал дека треба да ги пушти да влезат во мониторинг салата, а таа одговорила дека не може да го стори тоа без наредба од началникот. Марковски на тоа и посочил дека е договорено со обвинетиот Јошевски тие да влезат во просторијата. Добила повик од Јошевски, кој и навел дека наредбата за нивен влез доаѓа директно од директорот на БЈБ, обвинетиот Митко Чавков. Потоа таа ги пуштила. Обвинетите Оливер Радулов и Марковски во мониторинг салата се задржале 10 минути.
По многубројните прашања од дел од одбраната и обвинетите, таа наведе дека не сторила криминално дело, дека ситуацијата била вонредна, постапила по наредба и покрај тоа што наредбата не дошла директно од нејзиниот надреден, што во тој момент бил неконтактибилен, а пак неговите надредени користеле годишен одмор.
Посочи дека двајцата кои влегле во мониторингот не изнеле ништо, освен, како што истакна „само чантичките кои беа на нив и кога влегуваа“.
Беше прашана и за достапноста на прозорецот, за кој наведе дека постојано е отворен. Таа одговори дека речиси е невозможно да се влезе во просторијата преку тој прозорец поради поставеноста.
Богоевска Крстановска одоговори дека никогаш немала личен контакт со Чавков, посочувајќи дека поради начинот на постапување за време на критичните настани таа била казнета со 15 проценти од платата, три месеци.
Беше прашана дали, покрај казната, била и прераспоредена на пониска позиција, на што таа не одговори бидејќи обвинителката побара приговор.
Маријан Митевски беше директно испрашуван и од обвинителството и од адвокатката на Јошевски, Ружица Николовска.
Митевски наведе дека прво добил наредба да седи во просториите во гаражата на Собранието, каде што седат вообичаено, додека трае седницата. Потоа пред крајот на седницата добил наредба од началникот да оди пред собраниската сала каде што се наоѓа Вељаноски. Тогашниот претседател на Собранието го вратил назад и заминал во неговиот кабинет. По пат се сретнал со началникот кој му напоменал дека ситуацијата е „напната“. Седнале во канцеларијата на началникот и неговиот надреден во телефонски разговор побарал да се пратат полициски екипи. Потоа Вељаноски побарал двајцата да се упатат кон неговиот кабинет.
Пред кабинетот, според Митевски, се појавила маса народ, настанал неред, ја барикадирале вратата со бироата на секретарките. Како што наведе Митевски, некој од групата викнал „што барате тука овие се обезбедување на претседателот“ и групата заминала.
Потоа дошла друга група и повторно настанал неред. Луѓето почнале да ги туркаат вратите и претходно затворената железна порта. Припадници на ЕБР или специјалци, не прецизираше Митевски, фрлиле шок-бомба со цел да се разиде масата народ.
Митевски истакна дека и началникот се здобил со повреди и паднал во безсознание. Потоа безбедно го пренеле Вељаноски до неговиот дом.
Обвинетиот Игор Југ го праша Митевски: Дали ќе се случеше тоа што се случи де не беа отворени вратите од внатре, на што тој одоговори дека немало да се случи.
Николовска го прашуваше Митевски за односот со началникот и дејствувањето на работното место.
Последен сведочеше Алиу, кој за време на настаните се здобил со повреди. Бил пред Собранието, каде го штител задниот влез. Посочи дека групата што се наоѓала таму извикувала дека нема да дозволи „пратениците да излезат живи, туку само мртви“.
Пристигнале и колеги од ЕБР и тигри, добиле наредба да го расчистат влезот кај гаражите со цел да се изнесат повредените.
Демонстрантите кои се наоѓале таму одбиле да се повлечат, при што мавале врз полицијата со тврди предмети, така и Алиу бил повреден.
Припадници на ЕБР фрлиле шок-бомби за да ги расчистат лицата кои протестирале и за да може да им се укаже помош на повредените.
За случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници и граѓани.