На 12 и 26 октомври со читање на СМС пораки ќе продолжи судското рочиште за предметот „Траекторија” на Специјалното јавно обвинителство во кој обвинети се неколку поранешни функционери дека ги пречекориле овластувањата при изборот на компанија за изградбата на автопатските делници до Штип и Охрид.
Денеска во Кривичниот суд се слушаа „бомбите“ за кои одбраната бараше да биде исклучена јавноста. Во нив се слуша како поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски го советува поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески да одберат голема градежна компанија од Кина која пак ќе им помогне да добијат кредит, бидејќи, како што вели, тие си имаат свои луѓе кои посредуваат со кинеските банки.
Адвокатот на одбраната Еленко Миланов даде приговор за неколку разговори за кои рече дека не се потврдува нивната веродостојност. Тој побара пристап до предметот, односно цедето од разговорите или изворниот материјал за да може подетално да се произнесе. Побара увид во сите докази на СЈО за да може да се произнесе техничкиот советник на одбраната.
Обвинителката Лиле Стефанова оцени дека одбраната ги повторила истите приговори како и во воведните зборови. Додаде дека досега не слушнала приговор за тоа дека овие разговори не се водени од обвинетите и дека одбраната инсистирала да се пуштат разговорите.
Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.
На денешното судско рочиште судијата му го честиташе 40-тиот роденден на обвинетиот Јанакиески.