Што направиле по незаконски пат некои лица што од најголема сиромаштија стигнале до неверојатно богатство? Таквите појави се најчести кај наркобосовите низ светот. Некои од најстрашните и најпознати светски наркобосови што за краток временски период се збогатиле неверојатно многу имаат чудни навики за трошење на нивното богатство. Во изминатите неколку децении Пабло Ескобар или Ел Чапо гордо ги покажуваа своите уникатни поседи и збирки артефакти и уметнички дела. Трговијата со дрога претставува неверојатно опасно и незаконско дејство, но добивката од неа е голема. Дополнителен проблем им претставуваат многуте пари, кои е потребно да се „исперат“ за да се легализира нивното постоење и да се укине трагата од каде потекнуваат. Затоа најчесто парите ги вложуваат во разни бизниси, ретки уметнички дела, имоти и други работи. Некои наркобосови го прават ова за да ги легализираат парите, други, пак, за да покажат колку се богати и моќни. Еве некои од најнеобичните работи што ги правеле или им се случувале пред да бидат уапсени или ликвидирани.


Мануел Антонио Нориега Морено, наркобос што завладеа со Панама

Морено бил панамски политичар, воен офицер и владетел на Панама од 1983 до 1989 година. Роден е во сиромашно семејство во Сити, Панама. Нориега студирал во воената школа „Чорилос“ и во школа во Америка. Тој станал офицер во панамската армија и стапил во сојуз со Омар Ториос. Во 1968 година, Ториос го соборил претседателот Арнолфо Аријас со државен удар, прогласувајќи се себеси за водач. По смртта на Ториос, во 1981 година, Нориега ја консолидира својата моќ и станува претседател на Панама во 1983 година. Тој имал долготрајни врски со разузнавачките агенции на Соединетите Американски Држави, но, сепак, беше симнат од власт при американската инвазија на Панама. За да го овозможи овој подвиг, Морено со моќта и приходите што ги доби од деловните врски, канализирајќи оружје на бунтовниците поддржани од САД, ја презеде земјата Панама.


Пабло Ескобар создал сопствена зоолошка градина

Пабло Ескобар претставува најпрепознатливото име во светот на трговијата со кокаин. Тој претставува еден од најснаодливите, најозлогласени и најнемилосрдни наркодилери досега. За време во неговиот успешен период на трговија на кокаин, Ескобар искористил дел од своите средства за да биде опкружен со егзотични животни од повеќе видови. Тој на почетокот создал менажерија во која собрал мало стадо нилски коњи. Кога Ескобар умрел, во 1993 година, неговата мала зоолошка била конфискувана, а животните биле предадени во зоолошките градини низ светот, освен нилските коњи. Тие биле оставени сами на себе. Колумбија има совршена клима за нилски коњи и тие може непречено да живеат. Најмалку дванаесет избегале и продолжиле да се размножуваат во колумбиските дивини.


Исмаел Замбада Гарсија си купил градинка, млекарница…

Исмаел Замбада Гарсија, или попознат како Ел Мајо, претставува мексикански наркобос и водач на картелот „Синалоа“ – меѓународен синдикат за криминал со седиште во државата Синалоа, Мексико.
Кога се појавија наслови низ целиот свет за бруталните приказни на Пабло Ескобар и Ел Чапо, тој успеа да го избегне прогонот на властите. Замбада е на радарот на ДЕА од 1978 година, но цѐ уште не може да биде пронајден и уапсен. Во периодот на неговото активно владение, Замбада си ја овозможувал својата слобода трошејќи многу пари на поткупување политичари и полициски службеници, но исто така инвестирал во несомнителни бизниси за перење пари. Тој поседува млекарница, градинка, воден парк и разни други бизниси.


Амадо Карило Фуентес поседувал 22 авиона

Амадо Карило Фуентес бил мексикански наркодилер што ја презел контролата врз картелот „Хуарез“, откако го убил неговиот шеф Рафаел Агилар Гуајардо. Фуентес станал познат како Ел Сенор де Лос Силос, што во превод значи „господар на небото“. Го добил овој прекар поради големата флота на авиони што ја поседувал и ја користел за превоз на дрога. Тој бил познат и по перење пари преку Колумбија за финансирање на својата авиофлота, која, според официјалните податоци, имала најмалку 22 авиона. Пред смртта во 1997 година, тој се сметал за еден од најбогатите криминалци во светот, со чиста нето-вредност од 25 милијарди американски долари. Починал во јули 1997 година, во мексиканска болница, откако поминал обемна и сложена пластична операција за да го смени изгледот.