Скопското основно јавно обвинителство нареди истрага против жителот на Арачиново кој вчера ја уби својата сопруга.
Тој се товари за кривични дела убиство и неовластено поседување на оружје.
Како што иформираат од обвинителството, осомничениот, на 29 април, во семејниот дом во селото Арачиново, при акт на семејно насилство, со умисла ја убил неговата сопруга.
Тие откако се вратиле од прошетка и влегле во нивната соба, започнале расправија поради брачни недоразбирања.
Во еден момент, осомничениот 39-годишник се упатил кон подрумот во куќата каде што неовластено чувал пиштол марка „берета“ со калибар 7,65 милиметри.
Пиштолот го ставил во џебот од јакната и се вратил во собата каде што била сопругата.
Двајцата сопружници продолжиле да се расправаат, а осомничениот го извадил пиштолот, го вперил кон оштетената со закана дека ќе ја убие и испукал еден куршум во задната страна на главата.
По настанот, тој ја напуштил куќата. Жената давала знаци на живот и двајца сведоци ја пренеле во болница, но по приемот починала.
Осомничениот во меѓувреме е уапсен, а надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.