На граничниот премин Табановце на влез од Србија се запленети 16,5 тони цигари, а на граничниот премин Богородица, на влез од Грција, 13 тони тутун во лист, информираат од Царинската управа.
На Табановце на 28 мај при контрола на камион било утврдено дека истиот содржи 1.000 пакети со нелегални цигари, со вкупна тежина од 15 тони.
Во секој пакет имало спакувано по 50 штеки или вкупно 10 милиони парчиња цигари.
На истиот граничен премин на 24 мај годинава е откриено и комбе со 102 пакети со цигари, со тежина од околу 1.500 килограми или вкупно 1 милион парчиња цигари. Станува збор за цигари од кинески марки.
Во друг случај, на граничниот премин Богородица на 16 јуни бил запленет камион во кој биле откриени 130 пакети, тешки 13 тони, во кои имало тутун во лист.
– Возачот пријавил дека пренесува хартија за виткање тутун, но при направената проверка било утврдено дека возилото е натоварено со тутун во лист. Запленетиот тутун бил наменет за нелегална продажба како режан тутун на домашниот пазар – се наведува во соопштението на Царинската управа.
Против сторителите во овие три случаи се поднесени соодветни кривични пријави.
Доколку цигарите, односно тутунот завршеле на домашниот пазар, со оглед на тоа дека станува збор за акцизни добра, државниот буџет ќе бил оштетен за околу 1 милион евра, тврдат од царината.