Бегствата од затвор често се добра инспирација за филм, иако она што е прикажано на филмското платно понекогаш не соодветствува целосно со вистинската приказна околу бегствата. Желбата за слобода е најсилниот мотив што ги тера затворениците да наоѓаат најразлични, па дури и навидум невозможни начини за да избегаат од затворот каде што ја отслужуваат својата казна. „Нова Македонија“ во две продолженија ги претставува најспектакуларните бегства од затворите низ светот

Филмски бегства во Бразил и во Парагвај

Најмалку 26 лица пред неколку дена избегаа од затвор во северен Бразил. Тие избегале така што направиле дупка во ѕидот и употребиле чаршафи, кои ги заврзале за да се прекачат и избегаат. Бегството се случило во градот Рио Бранко.
Претходно, 75 лица избегаа од затвор во источен Парагвај, во близината на границата со Бразил. Странските медиуми објавија дека постои сомнеж дека многумина од затворениците биле пуштени од чуварите.

Бегството од „Алкатраз“

Кога ќе се слушне за озлогласениот затвор „Алкатраз“, попознат како карпа, ретко кој може да помисли на бегство, бидејќи овој затвор, всушност, е остров и е еден од максимално заштитените затвори во светот. Големата оддалеченост на затворот од брегот на Сан Франциско, Калифорнија, не била пречка за затворениците Френк Ли Морис и браќата Клеренс и Џон Англин, на 11 јуни 1962 година, успешно да избегаат и тоа преку рачно ископан тунел. Тројката го копала тунелот за време на вечерните часови, а за да останат незабележани, направиле лажни глави од тоалетна хартија, сапун и вистински влакна од коса. Цела година внимателно го копале тунелот што водел до неупотребуван премин во затворот, за оттаму, преку системот за вентилација, да се качат на покривот. Со скала и кабаници направиле сплав со кој избегале.
Надлежните од затворот дури наредното утро откриле дека ги нема.
Полицијата никогаш не нашла ниту една трага од нив ниту во водата, ниту во Сан Франциско. По 17 години, истрагата е затворена со образложение дека тројцата бегалци мора да се удавиле во обидот да избегаат од затворот.

Француски љубовници

Вожур со адвокатот

Надин Вожур сакала нејзиниот сопруг да излезе од затвор, па решила да земе часови за управување хеликоптер за да му помогне да избега. Мишел Вожур издржувал долгогодишна затворска казна за обид за убиство и оружен грабеж. Во мај 1986 година, тој употребил нектарини за да се качи на покривот од затворот за да избега, кои ги офарбал да изгледаат како гранати. Неговата сопруга со хеликоптер го зела од затворскиот покрив, по што слетале на фудбалско игралиште, каде што ги чекало возило за да продолжат да бегаат. Подоцна, Надин била откриена и уапсена, додека нејзиниот сопруг Мишел бил застрелан во главата во неуспешен грабеж на банка.

Уште едно летачко бегство

Паскал Паје

Се чини дека хеликоптерите биле популарен метод за бегство од затвор. Францускиот убиец Паскал Паје заработил интернационално криминално досие во серија затворски бегства со хеликоптер, почнувајќи од 2001 година, кога неговиот пријател го собрал од покривот на селски затвор. Две години подоцна, тој ја повторил истата сцена за да им помогне на уште тројца затвореници да избегаат. Подоцна Паје бил фатен и осуден на 30 години затворска казна поради убиство. Успеал да избега од добро обезбеден затвор во 2007 година, кога маскирани лица киднапирале хеликоптер и скокнале од него во затворот и со сачмарка ја разнеле вратата и заедно со Пеје избегале. Неколку месеци подоцна, Пеје бил фатен од полицијата во Барселона и бил однесен во затвор на непозната локација.

Бегство со дрвен пиштол

Дилинџер со лисици на судење

Џон Херберт Дилинџер бил американскиот непријател број еден кога заминал на едногодишна криминална „турнеја“ низ средниот запад. Тој и неговата банда ограбиле десетина банки и полициски станици и убиле десет лица во тие криминални дела. Тој конечно бил уапсен во градот Тусон, Аризона во јануари 1934 година и бил сместен во затворот „Лејк кантри“ во Краун Поинт, Индијана. На трети март 1934 година, Дилинџер, заедно со уште еден затвореник, употребил лажен пиштол направен од дрво и обоен со боја за чевли за да избега од затворот. Тогаш успеал да избега со возилото на шерифот од марката „в-8 форд“. Агентите од ФБИ го нашле и убиле Дилинџер во текот на истата година во Чикаго.

Продолжува…