Булингот, повеќе познат како меѓуврсничко насилство, за жал, зема сѐ поголем замав насекаде во светот, но и во нашата држава. Постојано сме сведоци на случаи во кои млади лица посегнуваат по сопствениот живот токму како последица на насилството помеѓу нив. Секојдневните и постојани навреди и понижувања се секојдневие на некои деца. Некои уживаат да малтретираат, додека други живеат со постојан притисок поради тоа. Не сакаат да одат на училиште. Ниту да се дружат, се затвораат во своите соби, комплетно изолирани со што запаѓаат во депресија и, за жал, некои од нив на крајот посегнуваат по сопствениот живот

СЕКОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ ЖРТВА НА ТАКАНАРЕЧЕНИОТ БУЛИНГ

Булингот, повеќе познат како меѓуврсничко насилство, за жал, зема сѐ поголем замав насекаде во светот, но и во нашата држава. Постојано сме сведоци на случаи во кои млади лица посегнуваат по сопствениот живот токму како последица на насилството помеѓу нив. Секојдневните и постојани навреди и понижувања се секојдневие на некои деца. Некои уживаат да малтретираат, додека други живеат со постојан притисок поради тоа. Не сакаат да одат на училиште. Ниту да се дружат, се затвораат во своите соби, комплетно изолирани со што запаѓаат во депресија и, за жал, некои од нив на крајот посегнуваат по сопствениот живот.

„ИГРАТА НА ЗБОРОВИ МОЖЕ ДА ПОВРЕДИ“

Oдделението за превенција при Секторот за внатрешни работи Скопје, во соработка со Црвениот крст – општинска организација Кисела Вода, започна со реализација на проектот, финансиски поддржан од Фондот за развој на проекти при Црвениот крст на Република Северна Македонија, насловен „Играта на зборови може да повреди“.
– Целта на овој проект што до крајот на оваа учебна година ќе биде спроведуван во основните училишта на подрачјето на општините Кисела Вода, Аеродром, Сопиште и Студеничани е превенција и намалување на случаите на „сајбер-булинг“ (вербално-психолошко насилство меѓу младата популација при користење на социјалните мрежи), а со едукација и зголемување на јавната свест за сериозноста на овој облик на девијантно поведение. Целна група ќе бидат учениците од седмите, осмите и деветтите одделенија, а веќе се реализирани активности во основните училишта „Партение Зографски“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Кисела Вода – информираат од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму додаваат дека во првата фаза од проектот, конципирани се онлајн превентивни активности, односно едукативно-информативни работилници двапати неделно, при што учениците со наставникот/членот од стручната служба, едукацијата ќе ја следат преку веќе воспоставени онлајн митинг-конекции од страна на училиштето, каде што сите ученици од тоа училиште ќе се приклучат заедно.
Во втората фаза од проектот, пак, предвидено е да почне со работа Канцеларијата за психосоцијална поддршка на жртви од „сајбер-булинг“, каде што жртвите може да побараат помош во Канцеларијата лоцирана во зградата на Црвениот крст на Град Скопје, (на телефонскиот број 071/30 30 11 или на електронската адреса [email protected]).
Инаку, во текот на минатата година Одделението за превенција при СВР-Скопје, во соработка со полициските станици од општа надлежност на подрачјето на Секторот за внатрешни работи реализира низа превентивни активности, пред сѐ, посветени на младите и нивна заштита и едукацијата по однос на разните социодевијантни и криминогени појави. Така, преку проектот „Безбедност во училиштата“ низ 30 едукативни работилници беа опфатени 15 основни училишта во Скопје, каде што беа формирани и клубови за превенција во кои партиципираат и ученици, а пак, во седум училишта на подрачјето на Општина Центар беа формирани и тимови за безбедност.
Исто така, се реализира и континуираниот проект „За безбеден град“, каде што фокус беа средношколците, пред сѐ учениците од прва и од втора година од средните училишта во Скопје, а пак, во соработка со Агенцијата за млади и спорт, со Град Скопје – Сектор за образование, беше реализирана кампањата „Насилството раѓа насилство – сопри го, не разгорувај го“.

ПРОБЛЕМ И НА ВОЗРАСНИТЕ

Постојат неколку типа врсничко насилство. Вербално врсничко насилство со користење навреди, закани и злобни и непристојни коментари. Врсничко насилство на социјалните мрежи, повредување нечија репутација и однос со другите врсници, со ширење лаги и наговарање на друштвото да отфрли некого. Врсничкото насилство некогаш вклучува физичко насилство. Врсничкото насилство во виртуелниот свет претставува социјално врсничко насилство, но при неговата ескалација некогаш вклучува и други типови малтретирање. Насилството преку интернет се базира на поттикнување групна омраза, напади на приватноста, малтретирање, следење, злоупотреба, небрежност пристап до штетни содржини, како и ширење насилство и навредливи коментари. Не многу често има и испраќање сурови, понекогаш заканувачки пораки, како и создавање веб-сајтови што содржат приказни, цртежи, слики и шеги на сметка на жртвите. Во одредени случаи последиците можат да бидат полоши отколку во секојдневните ситуации. Овој вид насилството не се гледа сѐ додека не настане сериозен проблем и најчесто се погодени најранливите групи на населението. Врсничкото насилството во виртуелниот свет може да влијае врз сите генерации, но најчувствителна група се децата.
Социјалните мрежи се преполни со овој тип насилство, и тоа не само помеѓу помлади деца, туку и помеѓу возрасните. Навредите и понижувањата се речиси секојдневна слика. Полицијата во неколку наврати досега реагираше за интернет-насилство поттикнато од повикување на омраза и други порадикални активности.

[email protected]