Подобро да ви тече пот од глава, а не крв, затоа носете заштитни шлемови. Ова е советот на тетовскиот мото-тркач Горан Хаџи Иљоски Чајка во екот на сезоната на користење на разните видови моторцикли, но и кога се најчести повредите поради сообраќајните инциденти. Токму во вторникот навечер 16-годишно момче сопатник на мотор е повредено во сообраќајка што се случила во Тетово. При последните контроли, полицијата утврдила дека моторциклистите најчесто не носат кациги.

– Секој љубител на две тркала да почитува барем 50 отсто од правила и процедурите ќе биде заштитен и ќе има помалку последици. Моето искуство е седум големи паѓања од мотори и толку операции потоа. Како професионалец препорачувам купување карбонска кацига. Уште непочната сезоната има седум загинати низ Македонија, во Србија нема толку со повеќе население- рече Чајка.

Возењето мотор низ Тетово е уште понебезбедно поради високата фрекфренција на возила и метежот. Тој затоа апелира возење според пропишаната брзина.

-Ги разбирам младите за адреналинот, но секако да ги почитуваат правилата кои ги учат во авто школа која задолжително треба да се помине. Една поговорка која мојата мајка ја користеше вели мотортот е подвижен гроб на тркала. Брзината уште побрзo може да ве раздели од животот-вели Горан.

За не носење заштитен шлем казната од полицијата е 50 евра без можност да се впишат негативни поени.

А.С.