Мотоциклистите се ранлива категорија учесници во сообраќајот, директно изложена на опасностите што постојано демнат во сообраќајот и кај која ризикот за добивање смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода е исклучително висок. Во просек, годишно во Македонија, околу 15 мотоциклисти го губат животот во сообраќајни незгоди, наведено е на интернет-страницата на РСБСП
СО ПРВИТЕ СОНЧЕВИ ДЕНОВИ СЕ АКТИВИРАА МОТОРИТЕ НИЗ УЛИЦИТЕ
Мотоциклистите можеби се една од најранливите категории во сообраќајот, и тоа не само затоа што се јавуваат како жртви поради туѓо невнимание. Сѐ почесто низ улиците страдаат мотоциклисти што поради сопствено невнимание и негрижа, својот живот го завршуваат трагично. Со првите пролетни денови, со појавувањето на сонцето, се појавија и мотоциклистите низ улиците. За жал, многумина од нив возат брзо, бесно, крајно несовесно кон другите учесници во сообраќајот, ризикувајќи го пред сѐ сопствениот, а потоа и животите на другите учесници во сообраќајот. Деновиве, како што се зголемија температурите на воздухот, сопствениците на мотори решија да се „издуваат“ низ улиците, но многумина од нив не ги почитуваа сообраќајните правила и прописи.
САМО ЗА ШЕСТ ЧАСА САНКЦИОНИРАНИ 160 МОТОЦИКЛИСТИ
Во рамките на зголемената сообраќајна контрола што ја спроведува Министерството за внатрешни работи преку сообраќајната полиција, секојдневно се изрекуваат санкции за сите учесници во сообраќајот.
Неодамна само за еден ден, и тоа во период од само шест часа, полицијата санкционира дури 160 мотоциклисти поради голем број неправилности.
Во текот на контролата од страна на сообраќајната полиција, дури 31 лице управувале со мотоцикл пред да се стекнат со право за управување мотоцикл, односно без возачка дозвола. Седум мотоциклисти возеле мотор со измината важност на возачка дозвола, петмина возеле нерегистрирани мотоцикли.
Она што е застрашувачки е фактот што најголемиот број од санкционираните, односно дури 94 мотоциклисти управувале со мотори без да се заштитат себеси со шлем. Во акцијата биле санкционирани уште 23 мотоциклисти за разни други прекршувања на Законот за сообраќај.
На 28 март, пак, сообраќајната полиција санкционира дури седум мотоциклисти.
ГОЛЕМИ ПРОБЛЕМИ ЗА ГРАЃАНИТЕ
Граѓаните велат дека пролетниот и летниот период им причинуваат главоболки, токму поради мотоциклистите. Велат дека како учесници во сообраќајот мора да обрнат поголемо внимание на правилата, но и на другите учесници во сообраќајот.
– Напорно е да возиш автомобил кога покрај тебе пролетува мотор, или пак се пика помеѓу твоето и спротивното возило. Напорно е и стресно. Постојано ги избегнувам, од страв да не направи мал инцидент и да не падне со моторот пред моето возило. Се плашам дека ќе ги прегазам – вели Елена Димовска.
Граѓаните велат и дека проблемот е во тоа што мотоциклистите возат и онаму каде што не им е дозволено.
– Возат на пешачки зони, низ паркови, на велосипедски патеки, возат брзо, бучно и бесно. На ваквото нивно однесување мора да му се стави крај. Ги поддржувам акциите на МВР со кои се санкционираат мотоциклистите, затоа што мора да се стави ред. Не може некој да настрада во сообраќај и да носи на душа некој мотоциклист, кој воопшто не се грижел за правилно сообраќање – вели Славе Милевски.
За граѓаните сосема друг проблем се трките што ги приредуваат мотоциклистите, и тоа не само во вечерните часови.
– Живеам на Партизанска. Дење-ноќе постојано се слушаат бучни мотори, обично по два. Се тркаат, летаат меѓу автомобилите, преку пешачките премини, ризикуваат сѐ за малку адреналин. Штом почне да затоплува времето, се појавуваат како најголем кошмар. Вечерните часови нема ни да ги коментирам. Фреквенцијата на возила е помала, а токму тоа им одговара за да се тркаат на раат – вели Јасна Анастасовска.
АПЕЛ ОД РЕПУБЛИЧКИОТ СОВЕТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА
Според Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, ако се земе предвид колкав дел од сообраќајот им припаѓа на мотоциклистите и колкаво е нивното учество во вкупниот број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, може да се каже дека мотоциклистите се најзагрозена и најнебезбедна група учесници во сообраќајот. Имено, повеќе од 10 проценти од жртвите во сообраќајни незгоди се мотоциклисти, а истовремено мотоциклистите опфаќаат само околу 0,5 проценти од вкупниот сообраќај.
– Во согласност со наведеното, може да се заклучи дека мотоциклистите се ранлива категорија учесници во сообраќајот, директно изложена на опасностите што постојано демнат во сообраќајот и кај која ризикот за добивање смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода е исклучително висок. Во просек, годишно во Македонија, околу 15 мотоциклисти го губат животот во сообраќајни незгоди – наведено е на интернет-страницата на РСБСП.
Оттаму апелираат до мотоциклистите, бидејќи сезоната за управување со овие возила е на прагот, да носат шлем за максимално да се заштитат.
– Законските прописи предвидуваат обврска за задолжително користење заштитен шлем (кацига), како за возачот така и за сопатникот. Непочитувањето на оваа одредба предвидува санкција од 50 евра во денарска противвредност. Секој што се превезува на мотор треба да знае дека користењето заштитен шлем го намалува ризикот од добивање смртоносни повреди на главата и во исто време штити од ветар, прашина, дожд, односно овозможува мотоциклистот безбедно да управува со возилото – апелираат оттаму.
Што треба да знае секој мотоциклист
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, секој возач на мотоцикл треба да ги знае и следниве правила:
- Движењето во група треба да биде еден зад друг.
- Возачот и лицата што се превезуваат со мотоцикл задолжително носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот.
- За вклучување на јавен пат или на друга сообраќајна површина, кога мотоциклистот се вклучува во сообраќај од гаража, двор или друга слична површина, ако видикот му е затскриен со друго возило, објект или предмет, или ако видливоста му е намалена, возачот треба да го турка мотоциклот, а не да го вози.
- Возачот на мотоцикл не смее со мотоциклот со кој управува да преминува преку пешачки премини и пешачки патеки, а со тоа и да ја загрозува безбедноста на пешаците.
- Возачот на мотоцикл не смее да биде под дејство на алкохол или да превезува лице што е под дејство на алкохол.
- Возачот на мотоцикл не смее да превезува дете помало од 12 години.
- Возачот на мотоцикл не смее да пренесува предмети пошироки од еден метар.
- Возачот на мотоцикл е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.