Одбивањето на Борче Ристевски (55) да каже како и зошто ја убил сопругата Карен, во изминатите безмалку три години, е клучен аргумент во барањето на обвинителството за продолжување на неговата затворска казна, пишуваат австралиските медиуми. Македонецот од Мелбурн никогаш не откри што точно се случило со неговата сопруга, и покрај признавањето на убиството.
Ристевски беше осуден на деветгодишна затворска казна за убиството без умисла на неговата сопруга Карен во 2016 година. Земајќи го предвид времето поминато во затвор во пресрет на пресудата, тој би можел да излезе на слобода за помалку од пет години. Обвинителството одлучи да се жали на, како што посочува „јасно несоодветната казна“, поради незадоволството во австралиската јавност од пресудата.
Обвинителот Брендан Кисејн во Апелациониот суд истакна дека „мрежата на лаги“ на Ристевски, по убиството на сопругата, покажува оти тој не чувствува вина, како и дека неговиот молк и натаму има влијание врз семејството на жртвата.
– Ова не е ситуација во која некој дава објаснување оти станува збор за убиство оправдано со несреќа. Кога се ќе се собере би можело да се заклучи дека се случило нешто навистина лошо – кажа Кисејн.
На Ристевски му беше овозможено појавување пред судот преку видео-линк, при што тој не го менувал изразот на лицето. Излагањето на обвинителството и на одбраната го следеше и братот на Карен, Стивен Вилијамс.
Адвокатот на Ристевски, Дејвид Халоус, пак, смета дека деветгодишната затворска казна на неговиот клиент претставува фер одлука.
– Да се добие деветгодишна казна која е нешто под 50 отсто од максимумот, не претставува несоодветна казна. Ние сметаме дека казната е соодветна – кажа Халоус.
Тој нагласи дека не би требало да се извлекуваат заклучоци од молкот на Ристевски.
– Едноставно не ги знаете сите околности – посочи адвокатот, додавајќи дека неговиот клиент не е претходно осудуван, односно оти е човек со добар карактер.
Судот го одложи носењето на одлуката за жалбата на обвинителството.
Ристевски беше обвинет за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.
Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, а признавајќи го злосторството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. Незадоволство од пресудата изразија организациите за спречување на семејното насилство, како и членовите на семејството на Карен, кои сметаат дека правдата не е задоволена. М.Ж.