Судот донесе одлука првообвинетиот Сашо Мијалков да издржува ефективен, односно затворски притвор. Тој по судењето ќе биде спроведен во истражниот затвор во Шутка.
Одлуката е донесена поради сомневањата на Обвинителството дека тој може да се даде во бегство, доколку биде во куќен притвор, што е поблага мерка.
– Се уважува предлогот на Јавното обвинителство. Се укинува решението за куќен притвор. Спрема Сашо Мијалков се определува мерка притвор до правосилноста на пресудата, но најдолго 60 дена. Против Мијалков има и обвинителен предлог, па предвидено е по објавување на пресудата да биде изречена ваква мерка – рече судечкиот совет.
Обвинителката Ленче Ристоска кажа дека тој може да избега и да има легален престој во Прага, каде што има и имот. Според неа, куќниот притвор не е доволна мерка за обезбедување присуство.
– Во конкретниот случај сметаме дека мерката куќен притвор за Мијалков не е доволна за обезбедување негово присуство, затоа бараме ефективен притвор. Во текот на вчерашниот ден обезбедени се известувања од МВР, согласно кои МВР нема технички можности/опрема за 24 часовен видео и електронски надзор на почитување на мерката притвор, што е еден од сегментите за куќен притвор. Од Обвинителството, потврдени се податоците дека Мијалков има регистрирана адреса и договор за престој во Прага и две возила на негово име, а особено, предлагам да се цени фактот дека тој е човек кој поседува приватни бизниси исто како и неговите членови на семејството. Тоа значи дека тој може да живее во бегство сосема комотно – рече Ристоска.
Осудениот Мијалков два дена беше недостапен за полицијата, која во неделата го бараше да му врачи решение за куќен притвор поради опасност од бегство издадено од кривичниот суд.
Мерката беше побарана од Обвинителството, откако обвинителката Вилма Русковска доби информации дека тој ќе се даде во бегство.
По него беше распишана меѓународна потерница. Во вторникот Мијалков сам се појави пред Обвинителството, објаснувајќи дека имал висока температура па се изолирал поради сомневање дека е заразен од коронавирус.
Никој не објасни, каде што се изолирал Мијалков. Обвинителката Русковска кажа дека не му верува на објаснувањето кое го даде и неговиот адвокат Петар Василев.