Екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, попладнево од затворот во Шутка бил итно пренесен во болница, откако се пожалил на болки во пределот на стомакот. Тој добил дозвола од судот да замине во болницата каде ќе остане додека завршат испитувањата.
Мијалков минатата недела ја слушна првата ослободителната пресуда за случајот „Тортура“, но е осуден на две затворски казни во вкупно времетраење од 20 години за предметите „Таргет-Тврдина“ кој го опфаќа масовното прислушување и „Трезор“ кој се однесува на уништувањето на опремата за следење на комуникациите во УБК,
Двете пресуди сè уште не се правосилни, односно за жалбите на странките треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје.
Екс-директорот на УБК, заедно со Мендух Тачи и тројца поранешни членови на ДИК, е обвинет и во случајот „Титаник 2“, каде што во 2019 година од Основниот кривичен суд – Скопје беше осуден на 3 години затвор, но пресудата беше укината од Апелација и случајот се врати на повторно судење во првостепениот суд. Овој случај се однесува на договарање за гласање во ДИК во врска со приговор на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година.
Ексдиректорот на УБК седи на обвинителна клупа и во случајот „Плацови за Водно“, за кој судењето започна минатата недела. Тој е осомичен и во финансиската истрага „Империја“.