Ненад Јосифовиќ, вработен во Орка Холдинг, сведочеше на денешното рочиште за предметот „Трезор“, последно од доказната постапка. Јосифовиќ беше меѓу осомничените во предметот „Империја” кој го отвори поранешното СЈО, за што беше и притворен.
Тој кажа дека слушнал оти постојат фирмите „Финзи Америка“ и „Финзи Македонија“ на прашање на обвинителот Артан Ајро. Јосифовиќ рече дека покојниот Жарко Луповски најверојатно ја користел фирмата „Финзи“ во Македонија за свои потреби, наведувајќи дека „можеби ја користел за сервис за мобилни телефони“. Сведокот одговори дека не знае дали правното лице „Финзи” имало зделки поврзани со МВР, како и дали Сашо Мијалков бил поврзан со користењето на ова правно лице.
Со сослушувањето на Јосифовиќ беше исцрпена листата на докази, со што Судот констатираше дека доказната постапка е завршена и ги закажа завршните зборови на обвинителствотото за 22 март, додека завршните зборови на одбраната се предвидени една седмица подоцна.
Првообвинетиот во „Трезор“, Сашо Мијалков, денеска повторно беше во судница, по викендот поминат во затворот Шутка. Покрај поранешниот директор на УБК, обвинети во „Трезор“ се и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.