Рочиштето по предметот на СЈО, „Титаник 2“ во Кривичниот суд, денеска продолжи со доказната постапка, во рамките на која беа преслушани два телефонски разговори.
Во еден од снимените разговори, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, му се јавува на пратеникот Мендух Тачи, велејќи му да гласаат за приговорот на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во Струмица.
Вториот разговор помеѓу Тачи и поранешниот член на ДИК Бедредин Ибраими, беше објавен на албански јазик, по што судски преведувач го прочита преводот на македонски. Тачи имаше замерки за преводот, кој според него не бил точен.
Предметот „Титаник 2“ се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година, а обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијаков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Според прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, а кои се прифатени како докази во судската постапка, Мијалков и Тачи се договарале за гласање на членови на ДИК во однос на поднесени приговори.