Министерството за правда ги демантира гласините кои се појавија во јавноста дека поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој избега во Унгарија, е уапсен.
-Демантираме уште една од многуте лажни вести деновиве – целосно ги отфрламе изнесените невистини дека Никола Груевски е уапсен и дека Министерството за правда не бара негова екстрадиција. На јавноста ѝ е познато дека Министерството за правда веднаш по бегството на Никола Груевски – уште минатата година, испрати барање за негова екстрадиција и истото беше одбиено – се вели во соопштението.
Во него се додава дека во прилог на ова е последниот допис од 31 октомври 2019 година, од унгарското Министерство за правда, во коешто нè информираат дека по одбивањето на екстрадицијата, документите биле испратени во унгарското обвинителство.
-Унгарското Министерство за правда исто така нè информираше дека Јавниот обвинител одлучил да не иницира кривична постапка, ниту какви било други мерки против Никола Груевски – се истакнува во соопштението.