За адвокатот Еленко Миланов, кој го застапува обвинетиот Миле Јанакиески на судењето за „Насилство во Центар“, е спорно што судот не дозволува да се изведат докази на новиот обвинителен акт поднесен од обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, бидејќи тврди дека има суштински, а не небитни измени во него.
Миланов како пример посочува дека суштинска промена е ослободувањето на Даниела Рангелова, која претходно беше посочена дека е поттикната од Миле Јанакиески да го стори делото.
– Правото да ослободи го има обвинителот во секое време. Работата е што Обвинителството даде сосема нов обвинителен акт, со нов опис, којшто многу ја менува состојбата. Во насока на изменетиот обвинителен акт, не се изведени докази. Обвинителниот акт го темели и во завршниот збор сега сака да го темели на исказот на Томислав Лазаров, кој признал вина. Но, Лазаров признал вина на сосема поинаков обвинителен акт. Дали на овој обвинителен акт, Лазаров ќе признаеше вина? Оние кои наводно ги поттикнал Миле Јанакиески се тргнати од новиот обвинителен акт. Останува Томислав Лазаров, кој признал вина на нешто сосема друго. Како може да нема суштинска промена, кога лице кое вие наводно сте го поттикнале е тргнато од обвинението, па тоа ваше поттикнување сте го пренеле на тие што беа присутни на протестите. Тоа е делот што се однесува на Јанакиески. Тоа е основа и суштина. Останува дека е поттикнат, според обвинението, Томислав Лазаров, кој призна заедно со другите. Каде е тука правната сигурност – реагираше Миланов.
Судот одби да го врати предметот во доказна постапка, а за четири дена, закажа ново рочиште каде завршните зборови ќе ги даде Миле Јанакиески и останатите обвинети.
Претходно Еленко Миланов, бранител на Миле Јанакиески, рече дека ако се суди според казнената политиката не би требало да има ништо повеќе од условни казни, а Јанакиески е од старт жртва во тој предмет, бидејќи нема ништо што укажува на него.