Завршни зборови на одбраната за „27 Април”
Обвинетиот Трајко Вељаноски не комуницирал со ниту еден од другите обвинети во наводно планирање на упадот во Собранието, тврди одбраната на поранешниот спикер на Собранието во завршните зборови за случајот „Организатори на 27 април”.
Од 30 илјади пораки од Вељаноски, воопшто нема комуникација меѓу него и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, како ниту со Никола Бошковски кој е во бегство или со обвинетиот Миле Јанакиески, истакна адвокатот Еленко Миланов.
– Од ниту еден сведок од обвинителството не слушнавме дека Трајко Вељаноски имал комуникација со Владимир Атанасовски и со Никола Бошковски. Во овој период Велјановски нема апсолутно никаква комуникација со Миле Јанакиески. Има шест пораки меѓу него и обвинетиот Спиро Ристоски кој во тоа време бил министер за образование – рече Миланов.
Бранителот на Вељаноски нагласи дека од сите изнесени вербални и материјални докази само е потврдено дека неговиот клиент ја водел конститутивната собраниска седница строго според деловникот. Тој додаде и дека не постои навод, дека некој сакал или се обидел да воспостави друг уставен поредок во земјата.
– За ова не можете да го прогласите Трајко Вељаноски за виновен – категоричен беше Миланов.