МВР го укина и последното лично обезбедување на функционери од поранешната влада. Од МВР за МИА потврдија дека по направени безбедносни проценки не постои безбедносен ризик врз поранешниот министер за здравство Никола Тодоров и поради тоа е укинато.
– Од поранешните функционери обезбедување се уште користи само поранешниот претседател на Владата Никола Груевски. Нему му следува обезбедување толку години колку што бил на функцијата, посочуваат од МВР.
На прашање на МИА колку лица биле ангажирани за обезбедување на поранешни функционери во изминатава година, од МВР истакнаа дека не можат да дадат одговор, а проценката за тоа колку луѓе се потребни ја вршел Одделот за обезбедување.
МВР од скоро го укина обезбедувањето и на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Одлуката била донесена пред празникот, поради проценка дека веќе не постојат безбедносни ризици.
По поднесувањето на оставката во мај 2015 година, за обезбедувањето на Мијалков се грижеа шест телохранители, а на располагање имаше и два автомобила.