Станот во зградата во ТЦ „Скопјанка“ во Аеродром, од каде синоќа се ширеше непријатна миризба, е исчистен од екипа на Комунална хигиена, информираа утрово за МИА од МВР.
Од страна на екипа на АРМ, со апаратура е констатирано дека се работи за амонијак од употребени пелени. На местото на настанот излегле и служби од Министерство за здравство – Центар за јавно здравје, Дирекцијата за заштита и спасување и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Скопје.
Од МВР информираат дека синоќа околу 18.50 часот било пријавено дека во влезот брoj 1 на булевар „Кузман Јосифовски Питу“ се чувствува непријатна миризба и граѓаните се жалат на печење во очите и оти претпоставуваат дека најверојатно е фрлен солзавец. Излезено е на местото на настанот, при што е констатирана силна непријатна миризба.
– Од страна на Противпожарна екипа отворени се сите врати од помошните простории, по што миризбата се изгубила, освен на вториот кат во стан сопственост на С.С.(64), каде живее со нејзината ќерка и двајца внуци-велат од МВР.
Како што претходно објави МИА, непријатна миризба од употребени пелени беше причината за евакуација на жителите од зградата во ТЦ „Скопјанка“ во Аеродром. По извршената дезинфекција и по шест часа минати надвор, доцна синоќа граѓаните се вратени во своите домови.
Синоќа жителите ги посети скопскиот градоначалник Петре Шилегов.