фото: Пекселс

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека деновиве до одредени граѓани и правни лица од страна на сторител кој лажно се претставува во име на МВР, односно во име на државниот секретар Магдалена Несторовска, се упатени лажни покани преку електронска пошта во врска со наводна тековна истрага.

– Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите измами, а Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР веќе презеде соодветни мерки и активности за законско санкционирање на сторителот – информираат од ресорното министерство.

Од таму појаснуваат и дека не користат електронска пошта за испраќање на покани до граѓани во врска со спроведување на истраги, туку тие покани се испраќаат во хартиена форма, со соодветна процедура.

МВР апелира до граѓаните воопшто да не ги отварат овие електронски пораки.