Бројката на апсења и на пронајдени предмети што се вратени во музеите ги покажува обемот и дострелот на недозволената трговија со антиквитети, каде што секоја земја со богато наследство е потенцијална цел на крадци
Пандемијата, која веќе неколку месеци владее низ светот, ги остави речиси сите музеи затворени за посетители. Самоизолацијата беше голем предизвик за вработените, кои и покрај карантините, мораа да ја осигурат безбедноста на објектите и уметностите во нив. За секој музеј реалноста е поинаква, а решенијата специфични и наменети специјално за одреден музеј во смисла на ротирачки тимови, безбедносни системи и слично.
Но додека музеите се затворени, неуморно работеле луѓето задолжени да ги пронаоѓаат украдените уметнички дела и да ги затвораат крадците. Во една широка кампања, повеќе од 19 илјади археолошки артефакти и уметнички дела беа вратени како дел од глобална операција на Интерпол, во која учествуваа 103 држави, кои заеднички работеа на сузбивање на мрежата што илегално тргува со артефакти и антиквитети.
Во акцијата, реализирана од страна на Интерпол, Европол, Светската царинска организација, а со учество и на шпанската полиција се уапсени дури 101 лице, а отворени се 300 истраги. Криминалната мрежа работела со археолошки вредности и уметности од земјите каде што има воени кризи, а сите тие биле украдени од музеи и од археолошки наоѓалишта.
Во истрагата, полицијата ги следела онлајн продажбите на вакви вредности, бидејќи таквите трговии најчесто се реализираат преку интернет. Полицијата и царинските служби мапирале активни цели, каде што откриле 8.670 наводно културни организации преку чие покритие се вршела нелегална онлајн продажба.
– Бројката на апсења и на пронајдени предмети ги покажува обемот и дострелот на недозволената трговија со артефакти, каде што секоја земја со богато наследство е потенцијална цел на криминалците. Ако ги земете предвид и значителните суми пари и тајноста на трансакциите, ова исто така претставува и можност за перење пари и измама, како и можност за финансирање мрежи за организиран криминал – истакна Јирген Сток од Интерпол.
Катерине де Бол, извршната директорка на Европол, истакна дека организираниот криминал има многу лица и нагласи дека трговијата со културни добра е едно од нив.
– Не станува збор за гламурозен бизнис предводен од господа, туку од интернационални криминални мрежи. Трговијата со уметнички дела не може да се одвои од трговијата со оружје и дрога. Знаеме дека сите тие групи се поврзани, затоа што вртат многу пари. Доколку го земеме предвид фактот што ова е глобален проблем со кој се соочува секоја држава на планетата, независно дали како извор на вредности, како транзитна земја или како крајна дестинација, важно е тоа што службите работат заедно за да го зауздаат овој криминал – нагласи таа.
За да ги заштити музеите, Интерпол им препорача на надлежните да ги преиспитаат системите за обезбедување и да имаат обезбедување 24 часа во текот на целата недела, кое веднаш би било достапно да интервенира, но и сите аларми внатре и надвор од објектите да бидат постојано активни, но и исправни, за да се спречи кражба во истите тие.
Со акцијата биле опфатени Авганистан, Аргентина, Чиле, Колумбија, Чешка, Шпанија, Италија, Романија и Летонија. Авганистанската царина пронашла 971 културен предмет на аеродромот во Кабул. Предметите биле подготвени за транспорт кон Истанбул, Турција. Шпанската национална полиција, во соработка со колумбиската, на аеродромот „Бајарас“ во Мадрид, открила многу ретки антички предмети од историјата на Колумбија, како што се уникатна златна маска и неколку парчиња антички накит.
Тројца препродавачи биле уапсени во Шпанија, а колумбиската полиција вршела претрес во неколку куќи во Богота, со што откриле дополнителни 242 антички предмети што се сметаат за најголемо археолошко откритие во историјата на Колумбија.
Целата оваа акција е резултат само на една навидум мала почната истрага за интернет-продажба, која довела до спектакуларни резултати. Имено, притоа се откриени 2.500 антички монети од страна на аргентинската полиција, што претставува и најголемото откритие во оваа акција. Второто најголемо откритие го реализирала полицијата на Летонија, која открила 1.375 монети.
Шест европски полициски сили пријавиле дека откриле 108 детектори за метал, со што се покажа дека нелегалното ископување сѐ уште е вреден бизнис во Европа.
Забележано е дека на удар не се само музеи туку и спомен-објекти, библиотеки и религиозни светилишта.