Познавачите на оваа проблематика велат дека граѓаните сѐ уште купуваат боци што не се атестирани затоа што чинат помалку пари. Но тие исто така потврдуваат дека не е мала бројката и на оние што купуваат вакви боци поради незнаење, па во своите домови носат непроверени, нестандардизирани, неатестирани плински боци од пазарите. Откако ќе ги купат, ги носат на полнење повторно во неовластени продавници, каде што ги полнат со гас и со тоа веќе се стават во ситуација да ги демне опасност
БОЦИТЕ ШТО НЕМААТ АТЕСТ СЕ НЕСИГУРНИ И ОПАСНИ
Неатестираните плински боци се голем проблем, особено ако се земе предвид фактот поврзан со финансиската состојба на граѓаните. Имено, немањето доволно пари автоматски води кон купување непроверени и крајно небезбедни плински боци. Ваквите небезбедни боци се користат најчесто во домаќинствата за готвење и за греење. Не размислувајќи за животните последици што може да ги предизвика една непроверена плинска боца, граѓаните се обидуваат да заштедат приготвувајќи ги своите оброци на нив, но и загревајќи го својот дом.
Токму тука е и најголемиот проблем, бидејќи во земјава воопшто не се ретки ваквите фатални несреќи што ги предизвикуваат токму плинските боци.
АЛАРМ ЗА ОПАСНОСТА ОД НЕАТЕСТИРАНИТЕ ПЛИНСКИ БОЦИ
Да потсетиме, шест лица беа повредени од експлозија на плинска боца што се случи неодамна во викендичка во кумановското село Матејче. Лицата што беа затекнати во моментот кога експлодира боцата добија тешки повреди и завршија на скопските клиники.
За жал, ова не е прва ваква трагедија, а јавноста сѐ уште го памети случајот од минатата година во кумановското село Романовце, кога настрадаа три деца, а повеќе членови од едно семејство беа повредени.
Македонија во својата црна хроника има уште една ваква несреќа од 2019 година, кога експлодира плинска боца во продавница за железо во Гевгелија, а во која загина едно лице.
Жителите на главниот град ја паметат и експлозијата на плинска боца во една продавница лоцирана на крстосницата на улиците Јордан Мијалков и Мајка Тереза. Во неа тројца беа повредени, а 25-годишно момче почина.
Очигледно е дека ваквите несреќи се доста чести во земјава. За жал, епилогот од нив не е само материјална штета туку истата таа е и ненадоместлива, бидејќи одзема и човечки животи.
ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ КУПУВААТ И ДА НЕ УПОТРЕБУВААТ НЕАТЕСТИРАНИ ПЛИНСКИ БОЦИ
Неодамнешната експлозија на плинска боца во кумановско Матејче само уште еднаш го отвори прашањето за употребата на стандардизирани и нестандардизирани плински боци, иако во случајов со Матејче официјално сѐ уште не се знае поради која причина експлодирала боцата.
Но оние што се запознаени со состојбите на пазарите со плински боци многупати кажуваат и апелираат да не се купуваат плински боци од препродавачите на старо железо, бидејќи само атестираните плински боци се безбедни и нема да предизвикаат експлозија.
За жал, познавачите на оваа проблематика велат дека граѓаните купуваат вакви боци за да платат помалку, поради нивната финансиска состојба, а не е мала бројката и на оние што купуваат вакви боци поради незнаење, па во своите домови носат непроверени, нестандардизирани, неатестирани плински боци од пазарите. Откако ќе ги купат, ги носат на полнење повторно во неовластени продавници, каде што ги полнат со гас и со тоа веќе се ставаат во ситуација да ги демне опасност од експлодирање на боцата.
Токму затоа се апелира да се користат атестирани плински боци и внимателно да се ракува со нив. Исто така треба да се користат боци со проверени сигурносни вентили и да се полнат според пропишаното количество на гас. Оние боци што се полнат на разни продажни места за гас, боци што немаат атест може да се наполнат и повеќе од предвиденото, па не само што не се сигурни туку стануваат и опасни за користење.
Во Основното јавно обвинителство сѐ уште немаат официјална информација поради која причина во викендичката во селото Матејче експлодирала плинската боца.
– До овој момент немаме официјална информација поради која причина настанала експлозијата на плинската боца во викендичката во кумановското село Матејче. Надлежните откако ќе си постапат, ќе испратат и официјална информација до нас. Потребно е време да се испита која е вистинската причина за експлозијата на плинската боца – рече Елизабета Недановска, одговорна за информирање во ОЈО.
И во Министерството за внатрешни работи, освен иницијалите и возраста на повредените и информацијата дека се сместени на комплексот клиники „Мајка Тереза“, сѐ уште немаа информација што ја предизвикало експлозијата, дали станува збор за неатестирана боца или во прашање е нешто друго.
Инаку, на бензинските пумпи на „Макпетрол“ се враќаат граѓаните што носат на полнење неатестираните плински боци.
– Нашите плински боци ги полниме во сопствена современа карусел-полнилница, при што се врши проверка на наполнетоста на секоја од боците. По завршениот процес на полнење и проверка на исправноста, се врши поставување специјални заштитни полиетиленски капи на вентилите на боците. Со тоа се гарантираат точноста на наполнетоста на боците и нивната техничка исправност. „Макпетрол“ поседува специјално техничко одделение за тестирање празни боци, со што се обезбедуваат нивна максимална исправност и безбедна употреба. Во специјално одделение се контролира техничката исправност на боците. Сите боци се прегледуваат, имаат жиг и етикета, која е поставена под сигурносниот вентил, на која има кратки безбедносни упатства како да се користи. Нашите корисници бесплатно добиваат специјални пластични клучеви за затегање на вентилот. Поради сето ова, нашите плински боци се атестирани и сигурни за употреба – велат од „Макпетрол“.
Оттаму додаваат дека сите оние што користат плински боци, особено станарите во станбените згради на терасите, многу треба да внимаваат тие да не бидат директно изложени на сонце, во близина на извор на топлина или искрење. Велат дека треба да се внимава при користењето на вентилот на самата боца да не дојде до негово оштетување и, секако, останува многу важно по празнењето на боцата да се наполни во овластена полнилница.
– На атестираните плински боци на „Макпетрол“ под вентилот стои упаство со препораки на што треба да внимаваат корисниците на плинските боци. Најпрвин при замената на боците мора да ги проверат цревото и спојките, а тоа најдобро ќе го исконтролираат со употреба на сапуница. Ако се појават меури и специфична миризба, тогаш со сигурност цревото е дотраено или, пак, станува збор за несигурна спојка. Во ваков случај веднаш треба да се затвори вентилот и да се пријави тоа кај продавачот. Токму затоа, многу подобро е приклучувањето на боцата да го направи некој што е стручен за тоа – додаваат од „Макпетрол“.