Надлежен јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против двајца македонски државјани, за кои постои сомнение дека сториле кривично дело „трговија со дете“.
Како што информираат од обвинителството (ЈОРМ), во април годинава, во радовишкото село Бучим, првоосомничениот, кој е малолетник, со употреба на сила, измама и присилба, искористувајќи ја немоќта на жртвата, ја подвел својата петнаесетгодишна роднина на присилен брак со второосмиченото лице.
Вториот осомничен иако знаел за возраста на девојчето, претходно со малолетникот се договорил за сума од 1.600 евра да му ја донесе својата роднина.
На 17 минатиот месец, првоосомничениот го земал девојчето и го однел на договореното место каде, според договореното, човекот ја исплатил побараната сума и го повел со себе девојчето кое пружало отпор при што врз него употребил физичка сила, психолошко насилство и обид за обљуба.
Меѓутоа, девојчето искористило момент и избегало, по што се јавило на домашните со кои подоцна го пријавила настанот во полицијата во Радовиш.
Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 доставил предлог за определување на мерка притвор за двете осомничени лица.
Судијата го прифатил предлогот и со решение за едниот осомничен изрекол мерка притвор во траење од 30 дена, додека за малолетникот се изречени мерки на претпазливост од страна на судија за малолетници.