Македонски државјанин (51) бил спречен во обидот да пренесе куфер полн со облека натопена со кокаин од страна на српски цариници на аеродромот „Никола Тесла” во Белград, пренесе на МИА.
Македонскиот државјанин со албанско потекло минатиот понеделник допатувал во Белград од Еквадор, преку Амстердам, при што српските цариници при прегледот на багажот забележале дека облеката е влажна и потешка од очекуваното, како што наведува Царинската управа.
При отворањето на куферот се почувствувал силен мирис на киселина, а целата облека во багажот била влажна. Тој со себе носел само облека иако кажал дека 13 дена престојувал кај пријател во Еквадор. Македонскиот државјанин се правдал дека во Еквадор има висока влажност па испраните алишта не успеале да се исушат.
Наодите на Националниот центар за криминалистичка форензика на српското МВР потврдиле дека примероците се позитивни на кокаин, откако багажот бил испратен на вештачење. Против македонскиот државјанин ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнеж за трговија со дрога.