Годинава кривично се пријавени 37 лица и има 36 случаи во кои се запленети синтетички таблети, екстази, амфетамин и метамфетамин

За само шест месеци годинава се регистрирани 36 случаи во кои се запленети синтетички таблети, екстази, амфетамин и метамфетамин. За овие дела кривично ќе одговараат 37 лица, а нивната просечна возраст е од 22 до 48 години. До јуни годинава, бројот на случаи на запленети количества синтетички дроги e на исто ниво со истиот период лани. Од Министерството за внатрешни работи велат дека во однос на синтетичките дроги и извршените претреси по куќи, дискотеки, ноќни клубови, најчесто се запленуваат екстази и тоа за време на одржување на техно-забави. Најголемо присуство на синтетички таблети, според количеството на запленета маса, е регистрирано во Скопје, Тетово, Штип и Охрид. Според МВР, употребата на синтетички дроги предизвикува силна физичка зависност и широк спектар на несакани ефекти и заболувања.

Во Анализата на пазарот на дрога – опијати, кокаин, канабис и синтетички дроги направена минатата 2018 година од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНДОЦ), околу 450.000 луѓе починале само во 2015 година како резултат на употреба на дрога. Од тие смртни случаи, 167.750 биле директно резултат на употребата на дрога. Друг понов извештај на УНОДЦ, предупредува дека во текот на изминатата 2018 година има значително зголемување на производството на метамфетамин во Југоисточна Азија, што предизвикува преголемо снабдување со дрога во регионот. Извештајот на УНОДЦ „Синтетички лекови во Источна и Југоисточна Азија: трендови и модели на поттикнувачи од типот амфетамин и нови психоактивни супстанции“, кој излезе на 11 март годинава, покажува рекордни нивоа на производство на синтетичките дроги.

Во овој извештај податоците покажуваат зголемување на запленетата синтетичка дрога низ годините. Пред шест години биле запленети скоро 40 тони, а оваа бројка континуирано расте и во 2018 достигнува скоро 120 тони запленети синтетички дроги. Ако во светот оваа бројка расте, кај нас, за среќа, и годинава бројките се исти со оние лани. Интересен е случајот од 2017 година, кога по долга меѓународна истрага во соработка меѓу Србија, Македонија, тајната служба на САД и Турција, се откри најголемата лабораторија за илегални синтетички дроги на Балканот. Лабораторијата се наоѓала во село близу Мала Река во Тетово. Лабораторијата била формирана од страна на српски и македонски државјани. Дрогата што се произведувала била продавана во Србија, Македонија и во другите околни земји.

– Во регионот, присутен е трендот на производство на синтетичките дроги, при што потребните суровини за производство на амфетамин се набавуваат од Република Бугарија, а дел од опремата се набавува од Кина. Во 2017 година МВР откри лабораторија за производство на синтетичка дрога – амфетамин, во која со помош на хемиски експерти, се произведувал амфетамин наменет за Турција. Исто така, во 2018 година беше откриена импровизирана лабораторија за производство на синтетичка дрога, при што беа запленети прекурсори – велат од МВР.


Синтетичките дроги предизвикуваат токсичност

Синтетичките дроги претставуваат голема опасност за организмот на човекот. Тие се вештачки создадени и имаат сериозни импликации на психата и организмот на човекот, ефектот од нивната консумација често создава тешка физичка зависност. Најчестите синтетички дроги се екстазите, ЛСД, метамфетаминот и кокаинот. За нивно производство се потребни финансии и развиени специјализирани лаборатории, од тие причини тие имаат повисока цена отколку другите дроги. Во Македонија од синтетичките дроги позастапени се амфетаминот и метамфетаминот. Синтетичките дроги се создаваат со употреба на вештачки хемикалии наместо со природни состојки. Тие се хемиски соединенија произведени во лабораторија. Синтетички дроги што можат да се најдат на пазарот се екстазите, ЛСД, метамфетамин и кокаинот. Според „Скајвуд рековери“, синтетичките дроги се дизајнирани да ги имитираат органски ботанички соединенија, но тие често содржат високопреработени хемикалии. Телото на човекот има тешкотии да ги препознае синтетички дроги, тоа го отежнува процесирањето во метаболизмот. Поради оваа, овие дроги предизвикаат токсичност и несакани ефекти во организмот.