Стручен тим на МВР и ОЈО изврши увид на местото на настанот

Пред уривањето на авионот, пилотот пријавил до контролната кула на аеродромот во Скопје дека леталото било зафатено од силни турбуленции

Авионска несреќа во близината на Солунска Глава

Бугарско семејство загина во авионската несреќа што се случи завчера во близината на врвот Солунска Глава. Во несреќата загинаа Георги Бошнаков, кој управувал со авионот, неговата сопруга Калина и двете ќерки. Малиот авион од типот „цесна П210Н“, кој сообраќаше на релацијата Охрид – Софија, исчезна од радарите во вторникот попладне, по што започна потрага по леталото од страна на хеликоптери и спасувачки тимови од МВР. Остатоците од авионот, како и телата на настраданите, биле откриени на тешко пристапен терен.

Во текот на вчерашниот ден беше извршен увид на местото на настанот, а телата на настраданите биле предадени на обдукција. Пред уривањето на авионот пилотот пријавил до контролната кула на аеродромот во Скопје дека леталото било зафатено од силни турбуленции.

– Не паметам да паднал авион, а за тоа во добар дел влијание да немаат временските услови. Во лоши временски услови, пилотите понекогаш не успеваат да се справат со невремето и носат лоши одлуки, кои резултираат со несреќи – вели воздухопловен експерт, кој во интерес на истрагата посака да остане анонимен.

Според него, оваа несреќа многу потсетува на несреќата од пред неколку години во близината на велешкото село Ветерско, кога мал авион „пајпер“ со германски национални ознаки, кој полетал од Тревизо, во Италија, се урна пред да слета на скопскиот аеродром.

– Тој авион требаше да слета на скопскиот аеродром да дополни гориво, но поради лошите временски услови и неискуството на пилотот се урна. Претходно без проблеми слетаа други два авиона – појаснува експертот.

Тој уште додава дека е симптоматично што за краток временски интервал пилотот донел две различни одлуки.

– Најпрво побарал да слета во Скопје, а потоа за кратко време се премислил и најавил дека ќе продолжи со летот. Кога за брзо време се носат спротивни одлуки, се прави нарушување на траекторијата и тоа може да заврши фатално – вели експертот.
Исто така смета дека малите авиони не ја почитуваат доволно ниту процедурата за одмор.

– Пилотите на овие авиони не одмораат доволно. Летаат на повеќе дестинации во еден ден. Утрово се во Охрид, па летаат за Будва, па оттаму за Солун… Токму поради прелети без одмор се случуваат вакви несреќи – заклучува експертот што посака да остане анонимен.

Инаку, и областа околу Солунска Глава е проблематична за летови токму поради специфичната клима.

– Станува збор за висока планина, со специфична метеорологија. Тука се судираат ветришта што доаѓаат од југот, откај Солун, и од север, така што е непогодно за летање поради витлите од ветерот – вели Зоран Иванов, кој се занимава со падобранство и е познавач на воздухопловството.

Тој додаде дека авионот „цесна“ е чувствителен на лоши временски услови.

– Овие мали авиони се како бротчиња во мирно море. Пловат мирно кога условите се добри, но кога ќе се разбранува водата, лесно може да потонат. Таков е случајот и со оваа „цесна“, лета мирно кога е добро времето, но кога метеоролошките услови ќе се влошат, станува многу опасна за пилотирање – појаснува Иванов.

Според него, станува збор за ризична авијација, бидејќи сè поголем број бизнисмени можат да си дозволат вакви летала.

– Црните кутии ќе откријат што довело до несреќата. Овој авион има две црни кутии, едната го снима разговорот со контролорите на летање, другата техничките аспекти на леталото. Кога ќе се анализираат податоците, ќе биде јасно зошто паднал авионот – додава Иванов.

Инаку, обуката за пилоти на вакви мали авиони трае најмалку 30 часа, со инструктор се вежбаат полетување и слетување, се следат предмети од областа на технологијата во авионот, а мора добро да се познава и метеорологијата. По завршувањето на овој курс, следува полагање за типот на авион со кој би се управувало во иднина, а испитот го спроведува капетан на таков авион.

Во годините низ македонската историја се случиле десетина авионски несреќи, при што загинале близу 250 луѓе. Првата авионска несреќа во Македонија од цивилен карактер се случила на 22 октомври 1951 година. Авион на ЈАТ, кој полетал од Белград, се урнал на аеродромот во Скопје, при што загинале 12 луѓе.
На 22 септември 1975 година авион од типот „антонов 2Р“ при слетување на скопскиот аеродром се судрил со друг авион од типот „антонов“.

На 24 јули 1992, карго-авион „антонов“ се урна на 26 километри југоисточно од Скопје, за време на приближување кон аеродромот. Авионот удри во планина близу селото Лисец. Во оваа несреќа загинаа осум луѓе.

На 5 март 1993 година, на полетување од скопскиот аеродром, се урна патнички авион „фокер 100“ на компанијата „Палер Македонија“ со 97 патници, при што загинаа 86 патници.

Осум месеци подоцна, на 22 ноември истата година, кај охридскиот аеродром се случи и втората воздухопловна несреќа. Патнички авион „јак-42Д“ на „Авиоимпекс“ се урна и однесе во смрт 115 луѓе, а само еден преживеа. Авионот беше на маршрута од Женева до Скопје, каде што требаше да слета.
Нова несреќа се случи на 18 септември 1995 година, кога авион „антонов 2Р“, кој беше ангажиран во гасење пожари, се урна во близината на Скопје. Загинаа двајца членови на екипажот.

На 17 март 2001 година, во текот на воениот конфликт во Македонија, воен хеликоптер „МИ-17“ удри во бетонски столб на Попова Шапка. Загинаа пилотот и инженерот, а десетина војници беа повредени.

На 12 јануари 2008 година хеликоптер на АРМ се урна кај катлановско Блаце, при што загинаа 11 мировници на АРМ, кои се враќаа од мисијата „Алтеа“ во БиХ.
На 28 август 2008 година, авион од типот „цесна“ се урна крај селото Скребатно, во близината на Охрид. Во несреќата загинаа пилотот и тројца патници во авионот.

Во септември 2016 година, во близината на селото Ветерско, меѓу Велес и Скопје, се урна приватен комерцијален авион од Тревизо, Италија, при што загинаа шест лица.
Во авионска несреќа надвор од Македонија, на 26 февруари 2004, во близината на градот Мостар во БИХ, загинаа македонскиот претседателот Борис Трајковски, шест негови соработници и двајцата пилоти на владиниот „кингер“.


Експерт: Бошнаков ја потценил ситуацијата

Пилотот Георги Бошнаков имал аматерска дозвола да пилотира со мали авиони, со која му е дозволено да си го превезува семејството, а слична лиценца се добива по неколкумесечен курс, што вклучува 140 часа теорија и 40 часа практика.
Според бугарскиот воздухопловен експерт Ангел Борисов, местото на катастрофата е многу тешко за летање, бидејќи претставува верига со повеќе високи врвови.
– Покрај лошото време, пилотска грешка може да е исто причина за несреќата – вели Борисов, притоа додавајќи дека над опасен терен не треба да се скршнува од предвидената маршрута.
Експертот не ја исклучува ниту можноста да дошло до дефект на моторот на авионот. Борисов смета дека пилотот ја потценил ситуацијата, односно се појавила вонредна состојба, која го принудила да ја намали висината.
– За мене турбуленцијата не е нешто што би го принудило да се симне под нивото на врвовите. Поверојатно е да имал проблем со моторот – смета бугарскиот експерт.


Кое беше бугарското семејство што загина кај Солунска Глава

Бугарскиот државјанин Георги Бошнаков, кој со сопругата и двете ќерки загина завчера откако „цесната“ со која летале од Охрид за Софија падна кај Солунска Глава, бил поранешен шеф на Одделот за имплементација и одржување информатики и технологии, во рамките на бугарската Агенција за регистрација.
Подоцна почнал приватен бизнис и во моментот имал компанија за рециклирање отпадоци.
Неговата сопруга Калина Корнајева Цонева е позната адвокатка во Бугарија, од познато адвокатско семејство. Интересно е што таа е во роднински врски со поранешната бразилска претседателка Дилма Русеф.
Во несреќата загинаа и нивните две ќерки, 18-годишната Билјана Бошнакова Георгиева и 14-годишната Гергана Бошнакова Георгиева.

[email protected]