Млад ловџија од битолското село Канино, Ј.К.(35), кој во текот на вчерашниот ден бил ранет за време на ловот, им подлегнал на повредите. Откако беше повреден од огнено оружје, ловџијата со тешки телесни повреди беше итно однесен на Клиника во Скопје, каде што кусо потоа починал.
Од СВР Битола информираат дека немилиот настан се случил вчера, околу 10 часот кога од Итната медицинска помош било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди од огнено оружје бил донесен млад ловџија од Канино, Битолско.
– Полициски службеници извршиле разговор со Д.С.(36) од село Бистрица и Р.Ј.(55) од Битола и според нивните сведочења Ј.К. се здобил со повредите во 9.30 часот, при лов во атарот на село Канино, откако Д.С. испукал патрон, по што забележал дека Ј.К. бил повреден, наведуваат од полицијата.
Ј.К. бил искусен ловџија, кој со години наназад учествувал во лов на диви свињи и многу добро го познавал теренот околу своето село. Тој зад себе ја оставил свршеницата со која наскоро требало да прави свадба. М.М.