Левица поднесе кривична пријава против Шкодране Дардишта од ДУИ за предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост врз национална основа, соопштија од партијата.
– Пријавената се товари дека по пат на информациски систем, на социјалната мрежа „Фејсбук“, објавила заканувачки статус во кој се повикува на војната од 2001 година, во која животот го загубија стотици македонски граѓани. Кривичното дело е сторено против државата и нејзините државјани, со цел да се повредат националните чувства на Македонците, а инспирирано од длабока национална омраза и меѓуетничка нетрпеливост. Побудите од кои се водела обвинетата при вршење на ова кривично дело се понижување на безбедносниот систем, т.е. упатување отворена закана за јавната безбедност на државата преку повикот за напад врз државните институци и преку сеење страв и загрозување на сигурноста на сите граѓани што живеат во Републиката и кои тие ја чувстуваат и сакаат како своја татковина – се наведува во пријавата.
Од Левица велат дека очекуваат надлежното ОЈО Скопје сериозно и експедитивно да ја земе во работа оваа нивна издржана кривична пријава и по неопходниот распит на пријавената, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за овој кривично-правен настан, да поднесе обвинение против Дардишта.