Фото: Игор Бансколиев

Надлежните државни институции апелираат до граѓаните да бидат внимателни, да не наседнуваат на триковите на измамниците, односно да не даваат пари однапред, авансирано, т.е. пред да ги добијат дрвата за огрев. Исто така, МВР ги повикува граѓаните да го пријават секој ваков обид во најблиската полициска станица или веднаш да се јават на бројот 192

Започна сезоната за набавка на огревни дрва, а со тоа и многубројните измами што криминалците им ги приредуваат на граѓаните. Измамниците не мируваат и постојано наоѓаат начини со кои ќе им ги земат парите на граѓаните, кои во обид да заштедат некој денар и да набават поевтини дрва, наседнуваат на креативни идеи на „итрите“ криминални умови на поединци.
Така, изминатиот период се забележани голем број измами на граѓани што воопшто не се надевале дека токму тие ќе влезат во вителот за печалба на криминалците.

ПРВ ПОКАЗАТЕЛ ЗА ИЗМАМАТА: СЕ НУДАТ ДРВА ЗА ЕВТИНИ ПАРИ

Криминалците со измами ја започнаа сезоната за набавка на огревни дрва. Измамените граѓани велат дека воопшто не очекувале дека ќе бидат измамени на толку едноставен начин.
– На врата ми се појави еден човек што ми понуди огревни дрва по цена од 2.500 денари за еден кубик. Сумата ми се виде доста примамлива, па се одлучив да ги видам дрвата. Човекот ми рече дека морам да одам со него и неговиот партнер со камионот за да ги видам дрвата. Отидов со нив. Возеа и застанаа на една ширинка и ми рекоа да излезам од камионот и да ги почекам за да го завртат возилото за да ми ги покажат дрвата. Кога се симнав, тие се свртеа и избегаа, ме оставија таму. Бидејќи сум пензионер, немам мобилен телефон и немав како да ја алармирам сопругата за случајот. Тие во меѓувреме пристигнале повторно кај мене дома и на жена ми ѝ побарале пари за дрвата, ѝ рекле дека јас сум ги испратил да ги плати дрвата. Таа им понудила прво шест илјади денари, но тие побарале повеќе, по што избегале – раскажува пензионер од скопската периферија, кој не сакаше да му се објави името од страв криминалците да не му се појават повторно на врата.
За среќа, успеал да се врати дома жив и здрав, а криминалците ништо не му направиле освен што го однеле на подалечна локација од домот за да можат да ја реализираат измамата.
Од страв, бидејќи се стари лица, случајот воопшто не го ни пријавиле во полиција, бидејќи се плашат да не ги налутат криминалците.

ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ИНФОРМИРАНИ И ДА ГИ ПРОЅРАТ ИЗМАМИТЕ

Од Министерството за внатрешни работи велат дека континуирано преземаат мерки за пронаоѓање на лицата сторители на ваквите измами.
– На 19 и 20.7.2021, ЕВР во Аеродром и во Драчево расчисти повеќе кривични дела – пет измами во врска со дрва. На 19.7.2021, во 16 часот, поради сомнение дека ги сторил измамите, полициски службеници го лишиле од слобода Н.Д. (45) од селото Вражле, општина Зелениково, а на 20.7.2021 во полициска станица било извршено препознавање од оштетените, кои потврдиле дека тој е сторителот. Н.Д. ги сторил делата во текот на 2021 година, на тој начин што одел кај оштетените и им нудел огревни дрва за ниска сума, а откако ќе ги земел парите, заминувал и не им ги доставувал договорените дрва. По целосното документирање на случаите, против него ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.
Оттаму апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не потпаѓаат на измамите на криминалците.
– Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат внимателни, да не наседнуваат на ваквите трикови на измамниците, односно да не даваат пари предвреме и пред да ги добијат дрвата. Исто така, МВР ги повикува граѓаните да го пријават секој ваков обид во најблиската полициска станица или на бројот 192 – велат од МВР.

[email protected]