Залетот на коронавирусот, на многумина им се виде како добра можност за бизнис и брзи пари, па потребата за заштитни маски и средства за дезинфекција беше на големо искористена од страна на криминалците

КОРОНАВИРУСОТ ОТВОРИ ПРОСТОР ЗА НЕЧЕСЕН БИЗНИС

Во услови кога коронавирусот буквално демне на секој чекор, бројката на заразени никако да опадне, а смртните случаи се зголемуваат, забележлив е недостигот од заштитни маски, кои не може да се најдат во слободна продажба речиси никаде. Целиот свет се соочува со ваква криза, а цената на оние малку маски што останаа да се продаваат во аптеките е евидентно поскапена, но и покрај повисоката цена, истите тие се продаваат за миг. Токму поради тоа, некои граѓани одлучиле од човечката мака да прават бизнис, па заштитните маски да ги крадат или, пак, да ги продаваат по неразумно високи цени, додека други, пак, одлучиле да измамат и цели држави.

Залетот на коронавирусот, на многумина им се виде како добра подлога за бизнис и брзи пари, па потребата за заштитни маски и средства за дезинфекција беше на големо искористена од страна на криминалците.
Заштитни маски и средства за дезинфекција едвај се наоѓаат и во Македонија, а оние што ќе се најдат во аптеките, се продаваат по повисоки цени од вообичаените. На социјалните мрежи граѓаните објавуваа и фискални сметки, каде што истите тие се продаваат дури и по десет пати повисоки цени. Граѓаните револтирани од таквиот однос, а и за да се заштитат, почнаа сами да си прават маски, кои по користењето можат да се исперат, за во овие кризни периоди, финансиските средства да ги чуваат за други потреби.

Словенија неодамна се соочи со невиден криминал со заштитните маски, за што информира министерот за одбрана Матеј Тонин. Во Словенија требало да пристигнат три милиони заштитни маски за потребите во борбата со коронавирусот. Меѓутоа, истите тие никогаш не пристигнале на словенска почва. Тој информира дека постојано биле во контакт со возачот на камионот, кој наводно требало да ги достави маските во Љубљана. Меѓутоа, по некое време, изгубиле секаков контакт со човекот. Тонин истакна дека станува збор за класична измама и дека маските биле нарачани од извесно претпријатие од Босна и Херцеговина. Случајот сега е во рацете на словенечката полиција. Среќа во несреќа е тоа што маските не биле платени однапред, а за потребите на словенечкото здравство од друго место се пристигнати доволен број маски, кои ќе им бидат доволни и на граѓаните и на здравствените работници.

Словенија не е единствената земја што се соочи со криминал со заштитните маски. И германските власти се соочија со сличен криминал. Во Келн, Германија, непознати лица украле 50 илјади заштитни маски. Маските биле украдени од магацин за медицински материјали и заштитна опрема.
– Вообичаено се крадат скапи предмети. Со вакво нешто првпат се среќаваме. Очигледно е дека сега, во вакви услови, за заштитните маски има добар пазар – истакнаа германските надлежни органи.
Дека бизнисот со заштитни маски цвета, говори и неодамнешното апсење на две лица во Србија, кои преку интернет-страница наменета за продажба, истите тие ги продавале за 15 пати повисока цена. Тие се товарат за недозволена трговија, а истрагата против нив ќе ја спроведе Обвинителството за високоорганизиран криминал. На едното лице му е одреденa мерка од триесетдневен притвор, поради тоа што може да го повтори делото. На другото лице, пак, судот му одредил куќен притвор, со забрана за користење интернет. Мерките за двете лица ќе траат додека за тоа има потреба.
И „Интерпол“ пред неколку дена објави дека во операцијата наречена „Пангеа XIII“ заплениле фалсификувани заштитни маски, супстандардни средства за дезинфекција и неавторизирани лекови. Операцијата резултира со 121 уапсени низ светот. Во истрагата, од „Интерпол“ пронашле две илјади онлајн-линка за рекламирање производи поврзани со ковид-19. Од сите производи, заштитните маски биле најпродавани онлајн, дури 600 во една недела.
Повеќе од 34 илјади фалсификувани заштитни маски воопшто не ги исполнувале стандардите, се продавале и корона-спрејови, лекови за коронавирус, што покажува дека овој тренд на заработка зема сѐ поголем замав.

– Ова уште еднаш покажува дека криминалците ќе се обидуваат да заработат на сѐ и сешто. Ваквиот криминал, за време на светска здравствена криза, ја покажува нивната целосна негрижа за јавното здравје – истакна Јурген Сток, генерален секретар на „Интерпол“.


„Коронавирус-бандити“

Две вооружени лица со заштитни маски ограбиле обложувачница за коњски трки во Квинс, Њујорк. Двајцата криминалци, маскирани со маските успеале да украдат повеќе од 200 илјади американски долари. Состојбата со коронавирусот им одела во прилог, па тие влегле во обложувачницата облечени во црно и со заштитни маски на лицето. Кога тројцата работници во обложувачницата, еден вработен на машините, а другите двајца биле невооружено обезбедување, ги зеле парите да ги однесат во безбедна просторија, двете лица со пиштоли им се заканиле и ги сместиле во една од просториите на обложувачницата. Тие им ги зеле и мобилните телефони за да не можат да исконтактираат со полицијата. Според полицијата, крадците успеале да украдат помеѓу 200 и 270 илјади американски долари.