Управата за финансиска полиција до Основно јавно обвинителство (ОЈО) за организиран криминал и корупција поднесе кривични пријава против поранешните министри за образование Никола Тодоров и Панче Кралев. Тие се товарат дека не го испочитувале Законот за јавни набавки и договорот со изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит во врска со реконструкцијата и адаптацијата на Домот на АРМ во Охрид за потребите на Универзитетот за информатички технологии.
Како што соопшти Финансиската полиција, поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353“ кривични пријави до ОЈО се поднесени и против И.Е., поранешен совтник за капитално инвестирање во Министерството, како и против Н.Х., овластен раководител на сектор во Министерството.
Со неизвршување на својата службена положба и овластување Тодорв и И.Е. го оштетиле Буџетот на Министерството за образование и наука, односно Буџетот на РМ за 4.761.207 денари.
-Министерството за образование и наука, во текот на 2009 година, по претходно спроведена постапка за јавна набавка, склучило договор за градење со изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит за реконструкција и адаптација на Дом на АРМ во Охрид за потребите на Универзитетот за информатички технологии. Првопријавениот Н.Т. како министер за образование и наука, имал обврска да ги почитува законските процедури наведени во договорот и да го заштити Буџетот на Министерството за образование и наука. Второпријавенио И.Е. како советник за капитално инвестирање имал обврска, согласно условите и роковите наведени во договорот, да ја следи реализацијата на договорот за градење и да го известува министерот за образование и наука за текот на изведбата како и за сите настанати проблеми при изведбата, наведува Полицијата.
Пријавените и покрај тоа што биле запознаени и свесни за ненавременото извршување на работите од страна на изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит, во текот на 2009 година не преземале активности за активирање и наплата како и не побарале продолжување на рокот на важност на банкарската гаранција за доброизршување на работите пред истекот на нејзината важност, спротивно на Законот за јавни набавки и договорот со изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит.