Полициската станица Неготино поднесе кривична пријава против двајца вработени во Јавното претпријатие „Национални шуми“ Демир Капија поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела несовесно работење во службата и злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Според информациите од МВР, се работи за С. Р. (44) и Д. Б. (48), двајцата од Демир Капија, едниот референт, а другиот технички директор во претпријатитето.
Како што се наведува, на 7.2.2019, првопријавениот, како референт во Јавното претпријатие издал испратница за количина огревно дрво помала од фактичката состојба, со што го оштетил буџетот на ЈП „Национални шуми“, но и буџетот на државата.
Второпријавениот, во својство на технички директор, усно се договорил со сопственик на железарница во Демир Капија да направат компензација, односно вработените во „Национални шуми“ да земат разновидна стока од неговата железарница за потребите на ЈП „Национални шуми“, а тие за возврат да му дадат огревно дрво.