Полицијата поднесе кривична пријава против градоначалникот на Зрновци Блаже Станков и двајца негови соработници за злоупотреба на службената положба.
– Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани, до Основното јавно обвинителство, поднесе кривична пријава против В.Ѓ.(52) поранешен директор на КЈП „Водна Кула“ Зрновци, Б.С.(59), градоначалник на општина Зрновци и Г.К.(39) директор на КПЈ „Водна Кула“ Зрновци, тројцата од Зрновци, соопшти МВР.
Првопријавениот В.Ѓ. е осомничен дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, предвидено по член 353 став 3 од Кривичниот Законик на Република Македонија, второпријавениот Б.С. осомничен дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата“, предвидено по член 353-в став 3 од Кривичниот Законик на Република Македонија и третопријавениот Г.К. за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ предвидено по член 353 став 1 од Кривичниот Законик на Република Македонија.
Првопријавениот, во својство на службено лице – тогашен директор на КЈП „Водна Кула“ Зрновци, се појаснува во соопштението, искористувајќи ја својата службена положба, во март 2015 година ги пречекорил границите на своето службено овластување на тој начин што извршил промена (покачување) на цените за вода од 20ден/м3 на 25 ден/м3 и канализација од 4 ден/м3 на 6 ден/м3 на корисниците на услуги во општина Зрновци, без притоа да биде донесена Одлука од Управен одбор на КЈП „Водна Кула“ и без Одлука на Советот на општина Зрновци за давање согласност на нови цени на водата утврдени од Управниот Одбор, спротивно на одредбите од Закон за локална самоуправа, Законот за јавните претпријатија и Статутот на КЈП „Водна Кула“ Зрновци, при што во периодот од 01.03.2015 до 01.06.2018 година издавале фактури со покачени цени за вода и канализација, со што прибавиле значителна имотна корист за КЈП „Водна Кула“ Зрновци за вкупен паричен износ од околу 2.343.312 денари, на штета на граѓаните на Општина Зрновци. Искористувајќи ја својата службена положба и овластување, во наведениот период првопријавениот постојано го менувал бројот на корисници на услуги (бришел и додавал корисници), со што бројката на корисници постојано варилала до околу 170 корисници.
Второпријавениот, во својство на градоначалник на општина Зрновци, се подвлекува во соопштението од МВР, несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и овозможил да се прибави значителна имотна корист за КЈП „Водна Кула“ Зрновци, на штета на граѓаните на Општина Зрновци, на тој начин што не утврдил дали согласно закон е извршено покачувањето на цените за вода и канализација во месец март 2015 година која надлежност му произлегува од Законот за локална самоуправа, односно истиот не ја исконтролирал законитоста на прописите на Советот на општина Зрновци, со што овозможил на првопријавениот да го реализира противправното покачување на цените за вода и канализација и да се зголемат приходите на КЈП „Водна Кула“ Зрновци за паричен износ од околу 2.343.312 денари во период од 39 месеци.
Третопријавениот, во својство на службено лице – директор на КЈП „Водна Кула“ Зрновци искористувајќи ја својата службена положба во месец Јуни 2018 година ги пречекорил границите на своето службено овластување на тој начин што извршил промена (намалување) на цените за вода и канализација на корисниците на услуги во општина Зрновци, односно ја вратил претходната цена на услугите, без притоа да постапи во согласност со законските прописи, и започнал со издавање на нови фактури за наплата со намалени цени за вода и канализација.