Креаторот на интернет-доменот „ваксајнс.мк“ е повикан во полициска станица. Тој го потврди тоа со статус на својот фејсбук-профил, а повеќе медиуми известија дека и МВР ја потврдило информацијата.
Доменот „ваксајнс.мк“ беше пријавен во Секторот за компјутерски криминал во МВР од страна на Министерството за здравство. Овој домен ги пренасочува граѓаните на веб-страницата „вакцинација.мк“, на која се врши пријавувањето за вакцинација.
– Единицата за компјутерски криминал мене брзо ми влезе во трага и брзо ме поканија за обично пренасочување кон сајтот на МЗ – информира креаторот на „ваксајнс.мк“.
Називот на доменот, пак, потекнува од неодамнешен гаф на премиерот Зоран Заев, кој го употреби терминот „ваксајнс“ кога на англиски зборуваше за вакцинацијата.
Според последните информации, досега над 25 илјади граѓани се пријавиле за вакцинирање против ковид-19 преку официјалната онлајн-апликација.