Најчестите прекршоци што оваа летна туристичка сезона ги забележала полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ се однесуваат на управување пловен објект за време на забрана за пловидба, за што се регистрирани дури 22 прекршоци

И годинава голем број прекршувања на Законот за внатрешна пловидба

Летото и високите температури што се карактеристични за овој период од годината ја зголемуваат посетеноста на туристичките места во земјава, каде што има водни површини на кои граѓаните можат да се разладуваат и рекреираат. Посетата на езерата во земјава не е само заради пливање, бањање, нуркање, туку и заради спорт и рекреација со чамци, глисери, скутери на вода, па и бродови, најчесто во водите на Охридско Езеро. Сепак, туристите, но и локалното население покрај Охридско Езеро реагираат дека не секој ги почитува законските регулативи со кои е предвиден начинот на кој сопствениците на пловни објекти, можат и смеат да управуваат во езерските води.

ЗАБЕЛЕЖАНИ СЛУЧАИ НА ДИВЕЕЊЕ ПО ОХРИДСКО ЕЗЕРО

Голем број прекршувања на Законот за внатрешна пловидба евидентираа туристите што летово своите одмори ги искористија за да го посетат Охрид. За жал, и жителите на нашиот туристички бисер велат дека многумина не ги почитуваат правилата на игра, па најчесто скутерите ги возат во близината на капачите и на плажите, со што директно ги загрозуваат нивните животи.
– Секоја година на одмор доаѓам тука бидејќи имам свој стан. Она што можам да нагласам е дека секоја година сѐ поголем е бројот на сопственици, најчесто на скутери на вода, кои воопшто не се придржуваат до правилата според кои е утврден начинот на кој ваквите пловни објекти смеат да се возат. Се вози каде што ќе се стигне. Скутерите на вода се брзи, а сакајќи да се покажат пред другите, уште од почетокот на плажата, помеѓу капачите знаат да ги возат брзо, директно загрозувајќи им ги животите на сите. Овде на плажата Далјан има вакви случаи на кои јас сум сведок. Којзнае уште колку други ги има, а кои поминале незабележано – вели Сузана Трајковска.
Таа вели дека не се само скутери на вода туку има и глисери што неконтролирано се возат во езерските води.
– Има и педалинки за кои никој не води сметка. Најчесто млади деца се возат со нив, ги изнајмуваат, се доближуваат едни до други, скокаат од нив, се влечат… Навистина, на моменти е застрашувачко колку ги ризикуваат сопствените животи, не размислувајќи за тоа колку сериозни последици можат да произлезат од нивната непромислена забава – вели таа.
Капетанијата досега неколкупати донесе забрана за пловење во водите на трите поголеми езера во земјава, заради заштита на капачите, бидејќи на земјава не ѝ се непознати несреќи со фатален исход поради невнимателно управување и непочитување на законските одредби.

ПРЕКРШИТЕЛИТЕ да се гонат и санкционираат во согласност со законот

Најчестите прекршоци што оваа летна туристичка сезона ги забележала полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ се однесуваат на управување пловен објект за време на забрана за пловидба, за што се регистрирани дури 22 прекршоци.
– За време на летната туристичка сезона од страна на полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, до Министерството за транспорт и врски, Капетанија за пристаништа Охрид, поднесени се записници за констатирани прекршоци, и тоа управување пловен објект за време на забрана за пловидба – 22 прекршоци, управување пловен објект без продолжена пловидбена дозвола – седум прекршоци, необележан пловен објект (без регистарска ознака) – еден прекршок, управување пловен објект без уверение за управување пловен објект – четири прекршоци и три прекршоци од пловни објекти – скутери – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Законот, пак, е изричен. Со точно утврдена оддалеченост се регулира одвоеноста на пловните објекти од капалиштата и капачите, со цел максимална заштита на оние што пливаат во водите.

Според членот 13 од Законот за внатрешна пловидба, „пловен објект, освен при впловување во пристаниште и капалиште, мора да плови на пловен пат кој не смее да биде на помала оддалеченост од брегот, и тоа за едрилица 50 метри, моторен чамец со јачина до 3 Kw 50 метри, моторен чамец со јачина над 3 Kw 200 метри, глисер и скутер (jet-sky) 300 метри и брод 300 метри. Чамец на весла може да плови на оддалеченост од брег помала од 50 метри“.
За жал, на крајбрежјата на трите езера сѐ уште се реткост обележаните капалишта. Чамци, скутери и други пловни објекти немаат обележани патеки наменети само за нив, со што ќе се разграничат и одделат двете категории што ги користат езерските води. Сообраќајно-пловидбената култура не ни се разликува многу од обичната. И оваа категорија возачи се однесуваат како во филмот „Брзи и бесни“, не почитувајќи го туѓото право на безбедно капење и движење, но и сообраќање во езерата. Низ изминатите години рапидно се зголеми бројот на пловни објекти, метежот во водите на Охридско Езеро е видлив и од крајбрежјето, а за истиот тој сведочат и големиот број несреќи што се случија изминатите години во езерските води.
Не се почитуваат правилата за носење заштитни елеци, ниту пак се внимава на бројката на патници во ловните објекти.
Факт е дека мора да се преземе нешто посериозно за да се спречат катастрофи со што ќе спречат загуби на човечки животи.


Голем број фатални несреќи во езерските води

Во водите на Охридско Езеро најнедисциплинирани се сепак скутерџиите, кои уживаат да дивеат во него. За жал, дивеењето на забранети места и во близината на капалишта речиси секогаш завршува со инцидент, кој ги разбранува болните прашања за крајно необезбеденото езеро и крајбрежје.
Скутерџиите изминатите години предизвикуваа голем број несреќи со фатален исход. Во необележани езерски води, пред десетина години, возач на скутер удри во педалинка на која се возеле четири лица, кои, за среќа, поминаа со полесни повреди. Веднаш по таа несреќа се случи уште една, во која четири девојчиња едвај спасија жива глава од дивеењето на скутерџија во водите на езерото. Охриѓани сѐ уште ја паметат и несреќата во која два скутера се судрија еден во друг. Во оваа несреќа, освен материјална штета, за среќа, немаше посериозни последици по животите на возачите и капачите.
Несреќи, иако ретко, се случуваат и со бродови и чамци. Јавноста сѐ уште ја памети застрашувачката несреќа во водите на Охридско Езеро кога потона бродот „Илинден“, во кој животот го загубија 15 туристи, државјани на Република Бугарија. Бродот превезуваше 57 патници од Охрид до Свети Наум.
Една од причините за потонувањето на бродот беше непочитувањето на дозволениот број патници што смеат да се возат на него, односно преоптовареност на бродот. Дополнително, истрагата покажа дека бил прекршен Законот за внатрешна пловидба, како и тоа дека системот за управување на бродот не бил соодветно одржуван.