Од осигурителните компании велат дека процедурата е многу едноставна. Доколку на возач му се случи сообраќајна несреќа со диво животно, првенствено што треба да направи е да го пријави случајот во МВР, од каде што треба да дојде екипа што ќе направи записник. Велат дека одговорноста паѓа на правното лице под чија надлежност е патот каде што се случила несреќата, до каде што пристигнува побарување, откако проценител ќе направи процена на настанатата штета. Со фактурата за поправка на возилото, потоа се доставува побарување до правното лице, кое треба да ги исплати средствата потрошени за поправка

Дивите животни и безбедноста на сообраќајот на патиштата

Возачите, посебно во зимскиот период, кога треба да патуваат низ земјава, често се случува на патиштата да се соочат со различни диви животни, кои во потрага за храна дури можат да ги уништат заштитните огради на патиштата претрчувајќи преку коловозот може да се случи и судир со возило. Внимание во јавноста предизвика и бројката од три сообраќајни несреќи со диви свињи, што изминатиот викенд и неколку дена претходно се случија на автопатот Скопје – Тетово. Проблем не се само дивите свињи туку и други животни, како срни, елени и зајаци. Сите тие, и покрај поставената заштитна мрежа, успеваат да излезат на автопатот и да предизвикаат несреќи, често и со фатален исход.

И кучињата скитници предизвикувачи на сообраќајни несреќи

Како што информираа од Секторот за внатрешни работи – Тетово, на автопатот околу Групчин, неодамна се случиле дури три сообраќајни незгоди како последица на движење на диви животни, кои и покрај заштитната мрежа, сепак успеале да излезат и да предизвикаат општа опасност по животот на возачите. Оттаму велат дека најголема причина за ваквите несреќи се кучињата скитници, кои биле причина за дури 48 сообраќајки во овој реон. За среќа, трите сообраќајки што се случиле не предизвикале поголема штета, па возачите поминале само со мала материјална штета, без здравствени последици.
Од СВР-Тетово исто така апелираа и до ловечките друштва да преземат соодветни мерки околу дивите животни за да придонесат за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот.

КОЈА Е ПОСТАПКАТА ДОКОЛКУ ВИ СЕ СЛУЧИ СООБРАЌАЈКА СО ДИВО ЖИВОТНО

Од осигурителните компании велат дека процедурата е многу едноставна. Доколку на возач му се случи сообраќајна несреќа со диво животно, на автопат каде што има заштитни огради, првенствено што треба да направи е да го пријави случајот во МВР, од каде што треба да дојде екипа што ќе направи записник. Велат дека одговорноста паѓа на правното лице под чија надлежност е патот каде што се случила несреќата, до каде што пристигнува побарување, откако проценител ќе направи процена на настанатата штета. Со фактурата за поправка на возилото, потоа се доставува побарување до правното лице, кое треба да ги исплати средствата потрошени за поправка.
Доколку, пак, станува збор за друг пат што не е автопат, во тој случај од осигурителните компании велат дека возачите треба да внимаваат на сообраќајните знаци, бидејќи во некои делови постои и предупредување што ги информира возачите дека на патот е можно да излезе животно. Во тој случај, доколку им се случи сообраќајка, товарот паѓа на возачот, односно, според законот тие би биле виновни, за што може да добијат и казна.

Возачите мора да бидат претпазливи, на штрек и да ја почитуваат сообраќајната сигнализација

„Нова Македонија“ неодамна предупреди за овој проблем со кој се соочуваат возачите, бидејќи неколкумина професионални возачи до нашата редакција реагираа дека диви животни трчаат низ патиштата низ земјава, посебно во вечерните часови.
Тие тогаш изјавија дека освен диви свињи, на патиштата излетуваат и срни, зајаци, па и мечки.
Горан Трпчевски, професионален возач, повторно нѐ информира за состојбата на некои од патиштата во Македонија. Неодамна и нему му се случило да му истрча зајак на патот додека возел.
– Возев кон Охрид и пред возилото ми излета еден поголем зајак. За среќа, немаше други возила бидејќи возев во четири часот наутро, па се обидов да му го спасам животот и да го избегнам во другата лента. Тој беше преплашен, повторно тргна во мојот правец, меѓутоа успеав некако да го избегнам и да го спасам и него и себе – истакна тој.
Неговиот колега, Зоран Костовски, истакна дека многу се ризични деловите каде што се тргнува кон Маврово, Стража, Пресека, иако и на другите места не е ништо подобро.
– Особено во вечерните часови, буквално врие од диви животни. Изминатиов месец дури шест пати пред автомобил ми има истрчано диво животно. Иако најчесто се зајаци, сведок сум дека има и срни и лисици. Срните се поплашливи, па побрзо реагираат кога им се приближувам, но на пример дивите свињи не реагираат толку брзо, а нивниот габарит не дозволува многу маневрирање на ваквите патишта, бидејќи коловозот е двонасочен, па ако ја избегнувам дивата свиња, може да налетам на возило од спротивната насока – ни изјави тогаш Костовски.

Статистика: ЗА НЕЦЕЛИ ТРИ ГОДИНИ, 505 СООБРАЌАЈКИ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД ЖИВОТНИ

Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, за три години, односно за 2019, 2020 и оваа година, заклучно со август, низ земјава се случиле дури 505 сообраќајни несреќи предизвикани од животни.
Најголемиот број од нив, дури 199 сообраќајки се евидентирани во СВР-Тетово. Веднаш потоа следува СВР-Скопје, каде што се евидентирани 74 сообраќајни несреќи за овие речиси три години. Во СВР-Велес, пак, евидентирале 68 сообраќајки предизвикани од животни. Во СВР-Охрид регистрирале 66, СВР-Куманово 33, СВР-Штип 28, СВР-Битола 23. Најмал број сообраќајки предизвикани од животни се евидентирале во СВР-Струмица, каде што бројот изнесува 14.
– По однос, пак, на ваквите настани на автопатот Скопје – Велес, за посочениот период на оваа делница се случиле вкупно 19 такви сообраќајни незгоди. Десет во 2019-та, седум во 2020-та и две во текот на осумте месеци од оваа година – информираат од МВР.

ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ

Членот 129 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата вели дека „на автопат, експресен пат или пат резервиран за моторни возила не смеат да се движат пешаци, велосипеди, мобилни машини, мотокултиватори, трактори, запрежни возила и добиток, ниту возила што според овој закон не се сметаат за моторни возила“.
Членот 41-а од Законот за јавни патишта, пак, вели дека „заради обезбедување посебен режим на сообраќај на автопат и магистрален пат на кој е воведен систем на наплата на надоместок за употреба на патот, како и за да се спречи неконтролирано движење на луѓе и диви животни на коловозот, на надворешниот раб на патниот појас континуирано се поставува заштитна ограда“.
Според членот 68, „инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши за државните патишта Државниот инспекторат за транспорт преку Државните инспектори за патишта, а за општинските патишта и улици овластениот инспектор за патишта на општината, односно Градот Скопје.“
Според надлежните од „Македонија пат“, сепак најголем проблем се клучките околу населените места каде што граѓаните чуваат добиток, а проблем се и граѓаните што ја крадат мрежата, па животните можат слободно да излегуваат на патиштата.