Полицијата соопшти детали за убиството на струмичанецот кој се водеше за исчезнат, а неговото тело потоа беше пронајдено во водите на браната Турија. Според МВР, подмолното убиство го извршил 54-годишниот М.В. од селото Добрејци, против кого полицијата поднесе кривична пријава. Тој лани го убил 62-годишниот струмичанец А.М. поради користољубие. Откако го застрелал, телото го ставил во метален камионски резервоар за гориво и го потопил во водите на браната Турија. Случајот беше откриен дури годинава.
Како што соопшти МВР, на 13 октомври 2018 година во СВР Струмица, од страна на роднина е пријавено дека на А.М. му се губи трага, по што полицијата започнува да го бара.
– Утврдено е дека на 9 октомври 2018 година, А.М. остварил телефонски контакт со пријавениот, по што се сретнале и заедно отишле во адвокатска канцеларија во Струмица, каде бил изготвен писмен меѓусебен договор за купопродажба на недвижен имот за цена од 18.200 евра. Договорената сума на пари за купопродажба на имотот не била исплатена во адвокатската канцеларија, а од страна на адвокатот пријавениот бил предупреден дека треба парите да ги исплати на трансакциска сметка – соопшти полицијата.
Истиот ден тој го убил А.М. во неговиот деловен објект во селото Добрејци, каде го повикал со изговор да му ги исплати парите за купената деловна просторија, така што го застрелал со огнено оружје со калибар 5,6 милиметри, а потоа го ставил телото во метален камионски резервоар за гориво и го потопил во водите на брана Турија на место викано „Рајанци“.
Дури на 5 јули годинава околу 15 часот, на брана „Турија“ кај место викано „Рајанци“ беше пронајден метален камионски резервоар за гориво со машки труп во него. Од извршената обдукција во Судска медицина Скопје утврдено е дека пронајдениот машки труп е на исчезнатиот струмичанец А.М.
При обдукцијата бил изваден куршумот со кој бил застрелан при што е утврдено дека се работи за проектил со калибар 5,6 милиметри, исто како во случајот со претходно убиство на Р.И. од Струмица, чие тело во метално буре беше пронајдено исто така во водите на браната Турија во непосредна близина на местото каде е пронајден А.М. По извршените анализи, утврдено е дека станува збор за лицето Ристо Иљашев и дека смртта настанала по насилен пат.
Полицијата веќе поднесе пријава против М.В за ова убиство. По наредба на судија на претходна постапка при Основен суд Струмица, тој се наоѓа во притвор.