Еден од водачите на озлогласениот шкаљарски клан, Јован Вукотиќ, и водачот на турската мафија Седат Пекер, се меѓу најпознатите криминалци кои наводно добиле македонски документи со лажен индентитет, посочени од страна на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната прес-конференција за скандалот именуван „Мафија“.
Според тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, Вукотиќ има македонски пасош на име Георги Андонов, издаден на 19 декември 2017 година, Пекер добил македонска лична карта со украден идентитет на лицето Џадин Амедовски.
За Вукотиќ е познато дека на 8 февруари минатата година бил испорачан од Србија во Црна Гора, која го бараше поради обвиненија за обид за убиство и недозволено поседување на оружје. По укинувањето на притворот во Црна Гора тој го напуштил затворот Спуж на 28 јули минатата година.
Вукотиќ бил осомничен за обид на убиство на некои од неговите криминални ривали, а го поврзуваат и со активности за криумчарење на наркотици и со други тешки кривични дела во Србија и во Црна Гора, поврзани со судирот со соперничкиот кавачки клан, кој трае од 2014 година.
Оваа војна помеѓу шкаљарскиот и кавачкиот клан почнала кон крајот на 2014 година кога во шпанското пристаниште Валенсија исчезнале 300 килограми кокаин. Во рамки на судирот убиени се десетици припадници на двете криминални групи, главно во Србија и во Црна Гора, но и во Грција и во Јужноафриканската Република.
Пекер, пак, бил упасен во Македонија на 18 јануари и депортиран на Косово. Косовските власти навеле дека тој нема косовски документи, туку привремена дозвола за престој, како што известува „Балкан инсајт“.
Шефот на турската мафија бил осуден на 14-годишна затворска казна во 2007 година под обвиненија за предводење на криминална организација, грабеж, фалсификување и две точки за незаконско лишување од слобода. Тој избегал од Турција во јануари минатата година под сомнителни околности.
Во рамки на акцијата на МВР, девет лица се приведени под сомневање дека изработувале пасоши за криминалци што биле барани и со меѓународни потерници. Едно лице не е пронајдено во сопствениот дом и по него ќе се трага. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на синоќешната прес-конфенција рече дека е уапсен посредник при издавање на патните исправи, припадници на МВР што работат во управните служби и контролори. Тој истакна дека истрагата се спроведувала од февруари 2019 година, а некои од пасошите завршиле и кај припадници на меѓународни криминални групи.