Во овие специфични медицински и емоционални околности, светот се соочува со поинаков вид прекршоци. Сега прекршители, во напади на паника предизвикана од коронавирусот, напаѓаат други лица заштитувајќи го сопственото здравје. Има напади и врз полицајци, но и строги казни за оние што не ги почитуваат уредбите за заштита
Осумдесет и шестгодишна жена починала, откако едно лице ѝ нанело фатални повреди на главата затоа што таа не ги почитувала препораките за физичка дистанца, не држела растојание. Во Пенсилванија, пак, маж бил уапсен затоа што непрекинато пукал со пиштол во возило на лице што го предупредило да ја покрие својата уста додека кашла. Четворица тинејџери биле уапсени затоа што откако нападнале една жена во менувачница сомневајќи се дека е заболена од коронавирус, ја ограбиле.
Во Флорида, пак, пастор на црква бил уапсен затоа што и покрај препораките за негрупирање, тој одржувал миси во својата црква, додека брачна двојка, пак, се соочува со обвинение затоа што организирала забава за еврејскиот празник Бар мицва на своето дете.
Целокупната состојба со епидемијата предизвикана од коронавирусот, остави големи последици не само по економиите туку и по поединците посебно. Обидувајќи се да го зачуваат здравјето, луѓето почнуваат избезумено да се однесуваат.
Криминалот секогаш постоел и тој е составен дел од општеството, но во овие специфични медицински, емоционални околности, светот се соочува со поинаков вид прекршоци. Сега прекршителите на законите, во напади на паника, напаѓаат други лица, а се оправдуваат со заштитата на сопственото здравје.
Се редефинира и се менува криминалот. Одредено поведение и однесување сега е крајно осудувачко, па дури и причина за напад и заработување обвиненија. Сега тој криминал се групирањето и организирањето забави.
Во Германија, Австралија и во Обединето Кралство, забрането е собирањето на повеќе од две лица. Полицијата има дозвола да растерува поголеми групи и да изрекува казни. Во Квинсленд, Австралија, казната за групирање изнесува 880 американски долари. Британската полиција активира специјални телефонски линии каде што граѓаните ќе можат да ги пријават соседите што организираат собири или, пак, на кој било друг начин не ги почитуваат препораките за физичка дистанца.
Прекршувањето на овие закони и покрај сознанието дека тоа може да им наштети на здравјето, да влијае на ширење на вирусот, е казниво. Поради таквата ситуација, голем број граѓани ја земаат правдата во свои раце, па прекршителите на правилото за физичка дистанца најчесто добиваат ќотек, се соочуваат со омраза од преостанатите, па дури и бегање од нив и панично покажување со прст.
Физичката дистанца не е единствената причина за криминал за време на корона-кризата, која сѐ уште трае, иако мерките значително се олабавени речиси насекаде низ светот. Сега се посегнува по криминал само поради стравот што го имаат луѓето поради невработеноста, од разурнати морални норми на општеството, страв од глад, како и од смртта што ја предизвикува вирусот.
Константното и постојано известување за ширењето и смртноста на вирусот кај многумина поттикнаа параноја, паника, страв, па истите тие ги шират насекаде. Неодамна две жени, и покрај препораките за негрупирање и забраната за организирање забави, беа уапсени откако направиле забава во Велика Британија. Полицијата забележала необично гласна музика што доаѓала од нивниот дом, па отишла да провери што се случува. Кога се обиделе да влезат за да проверат, ситуацијата излегла од контрола, кога една од жената му рекла на полицаецот да внимава, оти е позитивна на ковид-19.
Агресивноста на жената била прикажана за време на судењето, од безбедносните камери. Жената брутално го туркала полицаецот во ходникот од нивниот дом и на крајот го удрила со камена вазна по главата. Двете жени на возраст од 21 година, беа обвинети и прогласени за виновни за навреда и напад на службено лице на забава што била нелегална.
Судијата остро ги искритикувал двете девојки, истакнувајќи дека препораките се за да бидат почитувани, а не прекршувани, и тоа правејќи забава што е строго забрането. Со тоа го загрозиле здравјето на сите што биле присутни, но и на полицијата, која морала да интервенира.
Обвинителот во изјава за медиумите истакнал дека двете жени биле толку брутални што едната кога го предупредила полицаецот дека има корона, се подготвувала да го плукне за да го избрка надвор од домот. Од ударот, полицаецот добил исеченица од два сантиметри, огромен расцеп, кој докторите на итната медицинска помош морале да го шијат.
Адвокатката на жените, пак, изјавила оти тие се чувствувале екстремно осамени, дека мерките многу тешко им паднале, особено затоа што заклучувањето на целиот град траело долго, тие биле долго изолирани, па имале потреба да се зближат со луѓе. Оправдување за нивните дела адвокатката пронашла во прекумерното консумирање алкохол.
Сепак, за двете жени било уште полошо тоа што тие и претходно биле осудувани за напад на полициски службеници. Едната од девојките била осудена на шест месеци затвор, додека девојката што го нападнала полицаецот добила казна затвор во времетраење од 12 месеци.