Неможноста да излезат од дома, доведе до будење на чудовиштата во луѓето. Методите што ги користат насилниците кон своите жени, се слични на оние што киднаперите ги користат за да ги контролираат заложниците, а истите тие методи се користат и во репресивните режими за одржување контрола врз народот и врз затворениците во затворите

УШТЕ ЕДНА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАТА

Ограниченото движење, затворањето на луѓето во четири ѕида, со намера да се спречи ширењето на коронавирусот, придонесе за зголемување на семејното насилство низ светот. Иако мерките во многу држави веќе се олабавуваат, сега веќе се појавуваат анализите, кои говорат за проблемите што ги предизвика карантинската состојба. Неможноста да излезат од дома, доведе до будење на чудовиштата во луѓето. Според светските социолози, ова е сосема очекувано, исто како и во периодите за Божиќ и летните одмори, кога семејствата минуваат повеќе време заедно. Телефонските броеви за помош во случаи на семејно насилство се вжештени. Дури и Обединетите нации неодамна повикаа на итни активности од државите за да се спречи семејното насилство.
– Ги повикувам сите влади да ја стават безбедноста на жените на прво место, додека се справуваат со епидемијата – напиша на својот твитер-профил генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Жена на 26-годишна возраст под псевдонимот Леле, започнала сѐ почесто да се кара со својот сопруг, со кого морала да го минува времето, во нивниот дом во источна Кина. Во март, додека таа го држела нивното единаесетмесечно девојче, нејзиниот сопруг почнал да ја тепа, дури ја удрил со столче. Не е сигурна во колку наврати била тепана од него. Во една ситуација, Леле го изгубила чувството во ногата, па паднала на земја додека сѐ уште го држела детето во рацете. Фотографијата што ја објавила го покажала искршеното метално столче на делови, што е доказ дека нејзиниот сопруг го искористил токму столот за да ја истури својата нервоза врз неа. Таа признала дека нејзиниот сопруг ја тепал за време на нивната шестгодишна врска, но дека карантинските услови го разбудиле ѕверот во него.

– За време на епидемијата немавме можности да излегуваме надвор, па нашите конфликти само растеа и беа сѐ почести – изјавила таа.
Како што растеше пандемијата така растеше и семејното насилство. Невладиниот сектор во Кина евидентирал драстично зголемување на семејното насилство.
Во Шпанија, телефонските СОС-броеви евидентирале 18 проценти повеќе јавувања, само во првите две недели од карантинот, споредено со истиот период претходните месеци.

– Добиваме многу стресни јавувања, кои ни покажуваат колку се интензивни физичкото и психичкото насилство, додека луѓето се 24 часа затворени во четири ѕидови – изјави Ана Бела, сопственичка на фондација што им помага на жените жртви на семејно насилство.
Во Франција, пак, епидемиолошки се ширеше семејното насилство. Бројот на случаи е зголемен за 30 проценти. Кристофер Кастанер, француски министер за внатрешни работи, истакна дека им наложил на полициските службеници да посветат особено внимание и да откриваат семејно насилство.
Според Џудит Левис Херман, експерт за трауми на Универзитетот во Харвард, методите што ги користат насилниците кон своите жени, се истите тие што киднаперите ги користат за да ги контролираат заложниците, а истите тие методи се користат и во репресивните режими за одржување контрола врз народот и врз затворениците во затворите.

Во случаите каде што има домашно насилство, се користат повеќе методи за да се контролира жртвата. Забрана за дружење со пријателите, изолирање од семејството на жртвата, недозволување на жртвата да оди на работа, постојан надзор, стриктни правила на однесување, рестрикции на храна, вода, облека и средства за хигиена.
Коосновачката на кинеското адвокатско друштво „Еднаквост“, Фенг Јуан, изјави дека една нејзина клиентка откако се јавила да пријави семејно насилство, од полициските службеници добила одговор дека се презафатени за да ѝ помогнат, бидејќи се вклучени во борбата со корона-кризата.
Слична беше и состојбата во Европа. Држава по држава, сите прогласија карантин, без притоа да размислат за последиците што ќе ги донесе карантинот кај оние што живеат со насилници.

Италија беше првата каде што целосно се прогласи карантин. Во првите денови веќе беше зголемен бројот на пријави за домашно насилство. Центрите за згрижување и за обезбедување помош за жртвите на семејно насилство не можеа да направат ништо, бидејќи и тие беа во услови на карантин и тој важеше исто како и за другите. Во Италија, Франција и во Шпанија, по евидентирањето на зголемениот број случаи на семејно насилство, било одлучено хотелите да бидат местата каде што жртвите ќе бидат сместувани.

Иако Велика Британија долго време му пркосеше на вирусот, сепак и таму мораше да се преземат мерки, кои на крајот резултираа со зголемување на семејното насилство.
Карантинските услови ќе се укинат. Во многу држави веќе се олабавуваат мерките, но трагите од карантинот ќе останат во општествата и во статистиките, кои ќе говорат дека коронавирусот не беше само здравствен проблем туку и проблем на сите семејства што живеат со насилници.

[email protected]