Веќе час и половина сведокот бизнисмен Орце Камчев го дава својот исказ во судот за случајот „Рекет“. Тој, освен кон Бојан Јовановски и Катица Јанева, прстот го впери и кон други лица, меѓу кои обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова и братот на судијката Весна Димишкова, адвокатот Васил Димишков.
– Не треба да се само овие двајца обвинети, треба да има и други – рече тој.
На моменти зборуваше смирено, а на моменти беше нервозен. Бојан Јовановски во текот на сведочењето постојано го гледа во очи, на моменти се смее, додека поранешната шефица на СЈО, обвинетата Катица Јанева гледа во документите пред себе.
Камчев рече дека во август 2018 за првпат слушнал дека против него се води истрага и дека е под ПИ мерки, кога адвокатот Васил Димишков побарал да се сретне со него, на јавно место.
– Ми рече да му дадам 100.000 евра за да направиме договор и дека може да влијае да има поблаги мерки. Ако ми дадат притвор, тој да издејствува куќен притвор, фактички ми даде цела скала која мерка колку ќе чини, како да сме на пазар – рече Камчев.
Во овој договор, имало и посредник – директор на позната банка, на која Камчев не му го кажа името. Преку истиот директор, Камчев ја одбил понудата на Димишков.
Потоа, следувале контактите со Бојан Јовановски – Боки 13. Тој прво барал реклама за телевизијата, а потоа, заедно со Зоран Милески – Кичеец му доставил и две понуди. Едната за проект за фешн-молови, а втората за старечки домови.
– Јас го погледнав зачудено и му кажав дека не работам со молови. Тогаш тој ја сврте последната страна од договорот и ми рече, ама види кој е потпишан тука, Лазар Јанев, синот на Катица Јанева. Јас реков, е добро де, ништо не ми значи тоа и преку Милески ја одбив понудата – рече Камчев.
За проектот со изградбата на старечки домови Боки 13, според Камчев, му барал четири милиони евра за лиценцата.
– Кога направивме пресметка, сфатив дека со тој проект јас ќе бидам во загуба 10 милиони евра и така го одбив. Тогаш Милески ми се јави и рече дека Боки е многу лут, дека е моќен, има телевизија, може да ме плука и дека е најдобро да платам за реклама – рече сведокот Камчев.
Тој вели дека за реклами на 1ТВ платил 170 илјади евра, преку две фактури, едната од „Систина“, а втората од „Орка Холдинг“.
Но, според Камчев, ова не било доволно, па тој завршува во притвор за случајот „Империја“. Тогаш, рече тој, дека „се му станало јасно“.
– Вршеа жестока тортура врз моите компании, нотар не можеше да ми влезе. Сето тоа беше притисок смислен од Боки 13, реализиран од Лиле Стефанова по наредба од Катица Јанева – рече тој.
Камчев зборуваше и во името на својата сопруга Ана, за која рече дека имала неколку средби со Боки 13 и Зоран Милески, кои и барале пари за тој да излезе од притвор.