Бизнисменот Орце Камчев во денешното сведочење за случајот „Тортура“ во врска со разговорот за апсењето на Љубе Бошкоски, меѓу него и новинарката Оливера Трајковска, рече дека комуникацијата се случила затоа што предметот бил интересен и сите во Македонија разговарале за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија.
– Сите разговараа за тоа зашто многу беше интересен предметот. Не е срамота да се разговара за криминал, сигурно и вие сте разговарале за тоа – му рече Камчев на обвинителот на СЈО, Љубомир Лапе.
Прашан од обвинителот што знае за апсењето на Бошкоски, Камчев кажа дека му било познато дека одреден човек примил мито да преговара за име, дека МВР го уапсила и ништо повеќе.
Камчев на крајот од сведочењето кажа дека не верува дека аудиоснимките се вистинити и може да се сечени, лепени и монтирани.
На денешното рочиште сведочеше и новинарката Оливера Трајковска, која рече дека Сашо Мијалков му го најавил на Орце Камчев апсењето на Љубе Бошкоски.
– Од разговорот кој беше пуштен во јавноста помеѓу мене и Орце Камчев, бидејќи велиме ‘пријателот’, потврдувам дека станува збор за Сашо Мијалков. Тој му ја дал информацијата за апсењето на Бошкоски – рече Трајковска.
Предметот „Тортура“ на СЈО е за начинот на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година. За овој случај се обвинети Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на полициските „алфи”, Ивица Антевски-Пуки и уште петмина припадници на единицата.
Одговараат за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на претседателот на Обединети за Македонија на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.