Притворот на Јордан Камчев и на Цветан Панделески, сомничени во предметот „Империја“ на СЈО, се укинува со одлука на Кривичниот совет на Апелациониот суд, беше објавено во соопштение од Судот.
Бизнисменот Камчев и директорот на „Пелагонија“, Панделески, добија куќен притвор и излегуваат од затворот Шутка, додека Апелациониот суд уште не донел одлука за останатите осомничени во предметот „Империја“ на СЈО.
Во случајот „Империја“ кривично се гонат 13 лица, а првично притвор им беше определен на бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на „Пелагонија“, Цветан Панделески и директорот на фирмата „Ексико“, Тодор Мирчевски. За овој случај е осомничен и Сашо Мијалков, на кој подоцна исто така му беше изречена мерка притвор од 30 дена.
Покрај нив, осомничени се и Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.
Камчев, Панделески, Јосифовиќ, Арсовска и Мирчевски беа во притвор од 10 ноември.
Сите се сомничат за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело во периодот од 2002 година до 2013 година.