Универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев, кој е дел од работната група што вчера и денеска во министерството за правда дискутира за писмото на Јанева, во кое се бара СЈО сите предмети да ги префрли во Јавното обвинителство, вели дека специјалната јавна обвинителка нема овластување ни во нормални услови, а не пак во притворски да ги делегира предметите на друго обвинителство.
Калајџиев исто така вели дека нема никаков интерес за избор на нов специјален јавен обвинител на местото на Јанева, а за тоа смета дека се одговорни политичките партии.
-Јанева предметите ги добила со закон и мора да ги работи. Во случајот има поднесено оставка и не може да се однесува од типот „после мене потоп“. Никаде во законот не се предвидува ова обвинителство да ги предаде сите предмети, особено не во ваква ситуација каде нејзе ѝ е завршен мандатот и каде нема политичка волја да се избере нов обвинител. Зошто и како не сакаат обвинителството да продолжи да работи треба да ги прашате политичките партии, тоа е нивна одговорност. За избор на нов јавен обвинител очигледно не постои интерес и тоа е најстрашното што очигледно е дека ова е крај на СЈО. Не постои интерес да постои автономна институција која ќе се бори со организиран криминал. СЈО е злоупотребено само да се бутне ВМРО-ДПМНЕ од власт и ништо повеќе, тоа со жалење го констатирам – вели Калајџиев.
Според професорот, ова е патот кон загушување на предметите кои ги води СЈО.
-Доколку на тој начин се затвори СЈО со оглед на тоа што се планира да се вратат истражителите назад ќе се направи двојна штета бидејќи тој концепт да добие обвинителството автономија со сопствени сили да биде контратежа на полицијата ќе умре со СЈО. Луѓето ќе се компромитираат, предметите ќе се развлечкаат. Во име на спасување на предметите кои се отворени по спорниот рок од 18 месеци веројатно ќе се загушат и ќе се обезличат напорите да се завршат другите предмети. Јас сум разочаран што после 4 години уште не дознавме кој прислушувал во Македонија што е само по себе една голема катастрофа – вели Калајџиев.
Тој исто така потсети дека нов специјален јавен обвинител според законот требало да се избере уште пред три месеци без разлика на аферата која излезе во јавноста.