Адвокати што се специјализирани за работа со отштетни предмети во осигурителните компании тврдат дека постои законска основа и роднините до прво колено на смртно настраданите во автобуската несреќа да можат да поднесат барање до осигурителната компанија, по основа на претрпен стрес и душевна болка, и да побараат и тие да бидат обесштетени. Во рамките на законски утврдената процедура, компанијата е должна да одговори на барањето за надомест на штета, но доколку не го стори тоа во предвидениот рок, тогаш оштетените можат да поднесат тужба до судовите
Иако парите никогаш нема да ја надоместат загубата на блиските, сепак одговорноста за предизвиканиот смртен случај треба да биде прифатена и оној што ќе биде процедурално и законски утврден како одговорен, треба да ја плати штетата.
Непознавањето на законите доведува до тоа луѓето, кои најчесто се во моменти на растројство од загубата на саканата личност, да потпишуваат некакви документи со кои се согласуваат за исплата на некакви суми, без да проверат колку средства вистински им следуваат. Во тој контекст, умешноста на адвокатите и упорноста на странките се клучни кога треба да се изврши наплата од осигурителните компании во случај на несреќа во која има загинати или повредени.
Во ситуација кога според осигурителната полиса има законски одредена сума до која може да оди обесштетувањето, некои од оштетените можат преку своите адвокати да издејствуваат повисока отштета по разни основи, па додека другите да дојдат на ред за исплата, за нив да не останат пари во предвидениот фонд.
Ваквите случаи често заглавуваат во судските лавиринти, а должината на процесите ги исцрпува и самите баратели на отштета, кои понекогаш и се откажуваат од целата постапка.
– Имавме една таква несакана случка во семејството со починато лице во сообраќајна несреќа. Со години се обидувавме да издејствуваме отштета и тоа ни успеа дури многу подоцна, кога веќе бевме подготвени да се откажеме, но успеавме благодарение на упорноста на нашиот адвокат – вели скопјанка, која посака да остане анонимна.
Таа уште додаде дека биле обесштетени таткото, мајката и сестрата на загинатиот, иако висината на отштетата кај секој од нив била различна.
Ваквите недоумици повторно се присутни по последната трагична несреќа на автобусот на „Дурмо турс“, на 13 февруари, на автопатот Скопје – Тетово, во близината на Ласкарци, во која загинаа 15 луѓе, а над 30 беа повредени.
– Роднините до прво колено на смртно настраданите во автобуската несреќа преку адвокат можат да поднесат барање до осигурителната компанија „Еуросиг“ по основа на претрпен стрес и душевна болка и да побараат и тие да бидат обесштетени.
Компанијата е должна да одговори на барањето за надомест на штета, но доколку не го стори тоа во предвидениот рок, тогаш оштетените можат да поднесат тужба до судовите – велат адвокати со кои се консултира нашиот весник, а кои се занимаваат со отштетни предмети во осигурителните компании.
Уништениот автобус на „Дурмо турс“ бил осигурен во осигурителната компанија „Еуросиг“, а според најавите на директорот на компанијата, на семејствата на загинатите ќе им бидат исплатени до 9.000 евра, додека на повредените ќе им бидат исплатени по 4.500 евра.
Обесштетувањето ќе се врши според возраста и случаите, а вкупната сума за обесштетување по основа на оваа полиса изнесува 675 илјади евра.
ОЈО: Ќе се разгледува обемен материјал од автобуската несреќа
Во Основното јавно обвинителство веќе е испрашан возачот од големата автобуска несреќа и тој во вторникот дал исказ пред надлежен јавен обвинител. Од ОЈО сѐ уште не излегуваат со никакви, барем првични, детали и покрај големиот интерес од јавноста, но велат дека сето тоа е во интерес на истрагата. Голем е интересот на јавноста што ќе покаже листата на мобилниот телефон на возачот. До Машинскиот факултет во Скопје во петокот беше доставена наредба за вештачење на техничката исправност на автобусот во моментот на несреќата, но и оттаму не се открива ништо.
Од ОЈО велат дека ќе бидат испрашани сите оние што би можеле да дадат каков било исказ врзан за трагичната автобуска несреќа кај селото Ласкарци, односно патниците и сведоците.
Оттаму додаваат дека доколку можат што било да соопштат во јавноста ќе излезат и ќе го сторат тоа. Она што сега можат да го кажат е дека се преземаат понатамошни дејства за обезбедување докази, оти материјалот е обемен и дека дејства преземаат сите релевантни институции, а кога ќе има нови моменти тогаш ќе излезат да ѝ ги соопштат на јавноста.
Заради координација и поголема динамика во постапувањето на сите надлежни институции при утврдувањето на причините на автобуската несреќа што се случи на автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци, во Основното јавно обвинителство Скопје на работен состанок имаше координација на претставници од надлежното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Бирото за судски вештачења, Машинскиот факултет во Скопје и на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија за да се обезбеди динамика во утврдувањето на сите релевантни факти и причините што доведоа до несреќата. С.К.
Во Гостивар три автобуси со неисправни сопирачки
Сообраќајната полиција во Гостивар по извршените контроли на возила што вршат јавен превоз на патници, завчера открила повеќе неправилности, а кај три автобуси имало неисправни сопирачки. При контролата било утврдено и дека еден возач бил без возачка дозвола. На подрачјето на Гостивар службениците од СВР-Тетово контролирале вкупно 12 возила, минибуси и автобуси.
– Кај три била констатирана техничка неисправност на уредите за сопирање, додека едно од возилата го управувало лице без положен возачки испит, односно без возачка дозвола. Трите неисправни возила веднаш се исклучени од сообраќај и на возачите и правните лица им се подготвени законски предвидените поднесоци – наведуваат од СВР-Тетово. С.К.