Точно еден месец по големата автобуска несреќа што се случи кај селото Ласкарци, а јавноста сѐ уште нема информација која беше причината и зошто автобусот на компанијата „Дурмо турс“ излета од патот и починаа 15 лица.
Иако до обвинителството веќе се пристигнати вештиот наод и мислење од Машинскиот факултет во Скопје за техничката исправност на автобусот, како и вештиот наод на Електротехничкиот факултет за функционирањето на тахографот, велат дека во оваа фаза, во која се чека извештајот за сообраќајно техничкото вештачење, не можат да споделат детали со јавноста. Додаваат дека предметот за Ласкарци е во фаза на предистражна постапка и обвинителството интензивно постапува за обезбедување на сите материјални и вербални докази неопходни за утврдување на фактичката состојба. Во согласност со членот 289 од Законот за кривична постапка, сите преземени дејства во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна, посочуваат од Основното јавно обвинителство-Скопје.
– Преземени се голем број дејства, испитани се повеќе сведоци, меѓу кои и сите патници чија здравствена состојба до овој момент дозволува да дадат свој исказ пред надлежниот јавен обвинител, пристигнати се обдукциските протоколи за починатите лица, а во тек е обезбедувањето на медицинската документација за повредените во несреќата. По наредба на јавниот обвинител, подготвено е медицинско вештачење за здравствената состојба на возачот на автобусот. До Основното јавно обвинителство-Скопје пристигнаа вештиот наод и мислење од Машинскиот факултет во Скопје за техничката исправност на автобусот, како и вештиот наод на Електротехничкиот факултет за функционирањето на тахографот. Наедно, се очекува пристигнувањето на извештајот од сообраќајно-техничкото вештачење што го вршат стручни лица од Бирото за судски вештачења – велат од обвинителството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза од постапката не се во можност да споделат со јавноста детали од исказите на сведоците дадени пред надлежниот јавен обвинител, како и од содржината на подготвените вештачења и другите собрани материјални докази. С.К.