По необичното исчезнување во Португалија
Иако се поминати тринаесет години, истрагата никогаш не е прекината. Германската полиција верува дека со нејзиното исчезнување е поврзан непознат Германец, кој се смета за главен осомничен за киднапирањето на тогаш тригодишната Медлин
Случајот со девојчето Медлин Мекен, кое на трети мај 2007 година исчезна од португалскиот комплекс „Алгарве“, е еден од најпознатите случаи на исчезнато дете во светот. И покрај огромното медиумско внимание, неброените телевизиски настапи на родителите, документарни филмови и серии, од Медлин сѐ уште нема ни трага ни глас.
Девојчето исчезнало за време на семеен одмор. Откако родителите ги заспале Медлин и нејзините брат и сестра близнаци, заминале отспротива на вечера со пријателите. Бидејќи и нивните пријатели имале деца, секој од нив ги проверувал децата во двете соби. Првата проверка ја извршил таткото на Медлин, кој не забележал ништо сомнително, децата спиеле, но според неговото сеќавање, кога излегле, тој ја оставил вратата малку подотворена, додека при проверката истата таа била ширум отворена.
Следна на ред била мајката на Медлин, но пријателот Метју Олдфилд одлучил да оди да ги провери децата. Забележал дека вратата од собата каде што спиела Медлин со нејзините брат и сестра била широко отворена, но бидејќи не слушнал никаква бучава, не погледнал во неа да види дали децата спијат.
Мајката на Медлин, Кејт, ја извршила проверката на децата околу 22 часот. Кога се обидела да ја затвори вратата, истата таа треснала како кога има провев, па, така, всушност таа погледнала во прозорецот од собата и увидела дека тој е отворен. Тогаш погледнала во креветот, каде што мечето и ќебето на Медлин биле тука, но Медлин ја немало. Откако го пребарала апартманот, таа истрчала во ресторанот врескајќи дека некој ја украл нивната ќерка.
Иако се поминати тринаесет години, истрагата никогаш не е прекината. Германската полиција верува дека со нејзиното исчезнување е поврзан непознат Германец, кој се смета за главен осомничен за киднапирањето на тогаш тригодишната Медлин.
Како што пишува британскиот весник „Гардијан“, анонимниот маж моментално е во затвор, за претходно извршени криминали, кои немаат никаква врска со исчезнувањето на девојчето. Но во периодот од 1995 до 2007 година, тој престојувал на подрачјето на португалскиот комплекс. Според досегашните информации, тој кобната вечер кога малата Медлин исчезнала се движел во близина на местото на киднапирањето, а само еден час пред да исчезне детето, тој разговарал на телефон. Киднаперот на малото девојче е опишан како белец со кратка руса коса, висок околу 182 сантиметри. Сега има 43 години, но според сведоштвата, во времето на киднапирањето, изгледал како да имал 25 години.
Истражителите објавија дека постојат јасни индиции оти тој е вклучен во случајот со киднапирањето, наведувајќи ги телефонските броеви од кои тој ѕвонел и од кои му ѕвонеле нему. Полицијата сѐ уште бара информации од кого било што имал контакт со тие телефонски броеви, како и какви било информации за камперот во кој осомничениот го живеел својот слободен животен стил. Се верува дека освен камперот во кој престојувал, тој возел „јагуар“, кој исто така е предмет на истрагата.
– Во моментов тој е клучна личност од нашата истрага. Затоа и го упативме овој повик за информации, за да ги потврдиме или демантираме нашите сомнежи – изјави за „Гардијан“ Стјуарт Канди, помошник-началник на лондонската полиција, чиј четиричлен тим од детективи ја предводи истрагата, која во меѓувреме доби светски размери.
Родителите на Медлин, која сега веќе би имала седумнаесет години, издадоа соопштение со кое ги поздравија новите напори на полицијата за истрагата.
– Ги поздравуваме новите напори на полицијата што се однесуваат на исчезнувањето на нашата ќерка. Би сакале да ѝ се заблагодариме на полицијата што сѐ уште работи на истрагата – соопштија Кејт и Гери Мекен.
Тие во соопштението додаваат дека сѐ што сакаат е да се пронајде нивната ќерка и конечно да се открие вистината за нејзиното исчезнување, а одговорните за киднапирањето да се изведат пред лицето на правдата.
– Мораме да го најдеме својот мир, што и да е исходот од истрагата, сакаме конечно да дознаеме – нагласија тие.
Во јавноста се појавија и детали од истрагата што германските власти ги започнале уште во 2017 година, по иницијатива на португалската и британската полиција. Така се дозна дека германската полиција одработила голема работа анализирајќи снимки од кампер од 1980 година, бојадисан во бела и жолта боја, како знамето на Португалија. Исто така се анализирани снимки од „јагуар“ од 1993 година, кој бил регистриран во Германија. Само ден по исчезнувањето на девојчето, овој автомобил е пререгистриран на друго име во Германија, иако сѐ уште се наоѓал во Португалија. Двете возила биле запленети и сега се во рацете на германската полиција.
Полицијата, очекувајќи повеќе информации, ги објави телефонските броеви, во надеж дека некој ќе даде информации за нив.
– Не велиме дека личноста што ѕвонела од броевите е осомничена, но сметаме дека се работи за личност што мора да ја идентификуваме за да дојдеме до повеќе информации – истакна помошник-началникот Канди.