Министерството за внатрешни работи повеќе од еден месец покрај на територијата на главниот град, спроведува засилени сообраќајни контроли и во другите градови, меѓу кои и Гевгелија, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес-конференција во овој град.
– Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици. До сега за повеќе од еден месец откако започнаа засилените сообраќајни контроли изречени се над 20.000 санкции – рече Ангеловски.
Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Гевгелија да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
– Само за еден час во денешната акциска контрола во Гевгелија се изречени над 60 санкции, пред се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола… – кажа Ангеловски, кој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната акција во Гевгелија ќе бидат презентирани утре.