Изгаснат е огнот што викендов ја зафати градската депонија на Кочани, лоцирана на околу три километри на патот кон Пониква. Екипи од Територијалната противпожарна единица и од комуналното претпријатие „Водовод“ употребиле поголеми количини земја за да го задушат огнот за кој има основани сомневања дека бил подметнат.
– Забележано е дека пожарот го предизвикале лица кои собираат отпадни метали и други суровини на депонијата, палејќи ги отпадоците за полесно да ги издвојат материјалите што ги бараат. Случајот го пријавивме во Полициската станица, а поставивме и дополнителни дежурни чуварски служби на градската депонија за да го спречиме повторно палење, рече директорт на КЈП „Водовод“, Андреј Киров.
Од комуналното претпријатие апелираа до градежните фирми и до граѓаните кои вршат ископ на земја, да ја носат на депонијата за да помогнат во спречувањето на нов пожар.
Во неделата попладне чадот од градската депонија кај Кочани стигна до градот и ја прекри целата котлина, поради што граѓаните регираа на загадениот воздух и смрдеата на изгорено.